Македонија
Град Скопје: Лицето Орце Ѓорѓиевски треба посериозно да се посвети на својата работа, а помалку да се грижи за работата на другите градоначалници
По изјавите на лицето Орце Ѓорѓиевски, во кои вчера коментира за некакви автобуси од Белград, не ни е јасно дали некој го мести да дејствува недоветно или самиот си верува во лагите што ги кажува и со кои редовно се бламира пред јавноста, реагираат од Град Скопје во своето соопштение.
„Имено, од информации пласирани во јавноста, автобусите „соларис“, за кои раководството на Град Белград најавило дека ќе ги донира во Македонија, се наменети за сите градови во земјата. Ако ја следиме логиката на Орце Ѓорѓиевски, тогаш сите градоначалници во земјата, според него, се неспособни да си ја вршат работата, а особено градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, каде што се обавува јавен превоз.
Глупоста во изјавата на Ѓорѓиевски дотолку повеќе излегува на виделина ако предвид земеме дека Владата до овој момент не е способна со сопствени средства да набави автобуси за општините и за Скопје иако ние понудивме средствата за набавката да ги префрлиме на сметката на Владата, а тие да ја спроведат набавката.
Дополнително, со оваа изјава на Ѓорѓиевски се потврдува информацијата пласирана во јавноста во изминатите денови од лице блиско до руските структури во земјата и истовремено блиско до ВМРО-ДПМНЕ, на кое пред две години му беше оневозможено да врши дејност во Скопје поради сомнеж за финансиски малверзации, кое изјави дека планира со 100 автобуси да почне повторно со вршење на оваа дејност“, дополнуваат од оваа институција.
Прашуваат дали со оваа донација од Белград се подготвува ова лице, „блиско до ВМРО-ДПМНЕ и руските безбедносни служби“, повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП. Дали оваа најавена бизнис-зделка е причината зошто Советот на Град Скопје, раководен од ВМРО-ДПМНЕ, системски го уништува ЈСП „Скопје“, не дозволува набавка на нови автобуси и зошто не се исплаќа владиниот долг од 8 милиони евра кон ЈСП за превозот на студентите?
Лицето Орце Ѓорѓиевски, според Град Скопје, треба посериозно да се посвети на својата работа, а помалку да се грижи за работата на другите градоначалници. Ова лице како претседател на ЗЕЛС, како што истакнуваат, целосно ја киднапира и политизира институцијата поради што, првпат по 50 години постоење, градоначалници ја напуштаат оваа сега партизирана организација.
Како што нагласуваат од Град Скопје, Ѓорѓиевски треба да одговори, не со празни флоскули, туку со докази и бројки, колку од проектите од неговата предизборна програма реализирал и дали е вистина дека реализацијата е под 15 % од ветените проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

