Македонија
Град Скопје: Наскоро субвенции за велосипеди и електрични тротинети
Градот Скопје најави дека наскоро ќе објави повик за доделување субвенции за велосипеди и електрични тротинети во 2020 година.
Новитет оваа година е што граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 1 јануари оваа година.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 проценти од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Согласно предвидените финансиски средства, Град Скопје оваа година ќе додели субвенции за околу 2800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.
Повикот ќе биде отворен до 30 ноември или до реализирање на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден прв услужен“
Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети.
„Градот Скопје континуирано работи на промоцијата на употребата на алтернативни превозни средства, чија предност, за разлика од автомобилите, е намалување на метежот во сообраќајот и загадувањето на животната средината“, велат од Градот.
За 2018 и 2019 година, Град Скопје додели вкупно 7255 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 313 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

