Македонија
Град Скопје не е надлежно за фабриката во Трубарево, „Вардариште“ е на Гази Баба, кај си да писнеш за УСЈЕ, му порача Арсовска на Ѓорѓиевски
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска со објава на социјалните мрежи по последните случувања со пожарите во Трубарево, „Дрисла“ и „Вардариште“ и повиците во јавноста каде е, и зошто молчи.
„Додека Орце Самка Ѓорѓиевски ми прави нарачки поврзани со последниве настани, ајде да го едуцираме бидејќи нема знаење, ама покрај голема желба и очигледно вложува и многу пари во ПР за да се промовира за град Скопје.
Кај си да писнеш за УСЈЕ кој е утврден голем загадувач со ПМ и азотни оксиди многу над дозволеното, да престане да не труе со согорување 365 дена во годината?
Вардариште е на општина Гази Баба.
Пред скоро 2 години, за прв пат по 60 години град Скопје во целост го исчисти делот под надлежност на јавното претпријатие Комунална Хигиена и на таа локација повеќе не се генерира отпад“.
Останатиот дел од таа локација кој се протега на 60 илјади метри квадратни, појаснува во напишаното Арсовска, е надлежност на општина Гази Баба и според неа, општината има право и обврска да го одржува или оплемени просторот, со своите инспекциски служби да делува на лицата кои се обидуваат да креираат диви депонии, а надлежност има и Министерството за животна средина кое со Државниот инспекторат може да делува за санкционирање на истите сторители како и општината.
„Дополнителна надлежност за дивите депонии и потпалувачите на отпад има и Министерството за внатрешни работи.
Фабриката во Трубарево е надвор од ГУП и град Скопје нема никаква надлежност таму. За таму барај си го градоначалникот на Гази Баба, ама ако онака непристрасно писнеш како што треба ќе му штетиш на рејтинг. Значи и тоа не можеш, затоа подобро и за ова да си поќутиш.
Дрисла не согорува од 2022 година, кога е ставен во употреба автоклавот за стерилизирање и компримирање. За пироманите барај си го Панче Тошковски и наместо да се сликате како “џогирате” низ парк само за кампања, не ќе беше лошо за промена да му кажеш да се обиде да фати некој од сторителите.
Ај сега иди пак сликај се сред некој пожар како загрижено гледаш, иако сред таква беља секој вообичаено размислува како да помогне, а не како да се слика“, пишува Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожар во струмичко, поради силниот ветер огнот брзо се раширил
Пожар избувна денеска во 12.30 часот во атарот помеѓу селата Вељуса и Ангелци во Струмица, кој поради силниот ветер се ширел брзо.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица соопштија дека била зафатена поголема површина од сува трева и трски.

„ТППЕ Струмица интервенираше со две ПП возила и шест пожарникари-спасители. Пожарот е целосно изгаснат околу 15.00 часот со што е спречено негово ширење и предизвикување поголема материјална штета“, велат од таму.
Во случај на пожар или друга природна непогода граѓаните може да се јават на 112 или 193.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.

