Македонија
Град Скопје: Не купуваме пушки, туку бараме фирма што ќе заловува агресивни кучиња

Град Скопје демантира дека ќе набавува пневматски пушки наменети за заловување на бездомните кучиња од скопските улици. „Овие паушални тврдења се лага со која се манипулира јавноста. Сакаме да нагласиме дека јавното претпријатие „Комунална хигиена“ е задолжено да се грижи за медицински третман на бездомни животни и за таа цел секоја година распишува тендер во кој се бара ветеринарна станица што ќе ги врши овие услуги. Во постапката не се бара купување на пушки, туку во техничката спецификација се бара фирма што ќе врши асистенција за заловување агресивни кучиња со пневматски пушки со употреба на соодветен анестетик, како и соодветна потврда издадена од МВР за управување со него. Истите услови при медицински третман на бездомни животни биле користени и во претходните години 2014, 2015, 2016 и во 2017 година и оваа метода е неопходна при справување со агресивни кучиња и таа е безболна. Наведената јавна набавка е поништена, а критериумите ќе бидат повторно разгледани и ревидирани“, се вели во соопштението.
Според Градот, ЈП „Комунална хигиена“- Скопје веќе две години поседува две пневматски пушки кои беа набавени од претходната градска власт, како и лиценца и дозвола за нивна употреба, но тие никогаш досега не биле употребени за време на заловување на бездомните кучиња. Пневматските пушки не се наменети за усмртување на животните, туку за нивно евентуално успивање, само и доколку се јават проблеми во текот на заловувањето.
„Сакаме да го потенцираме фактот дека секое заловено куче го прегледува екипа од ветеринари кои проценуваат дали животните се здрави и дали со своето однесување претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните. Во однос на спроведувањето на програмата за хуман третман на животните и потребните хигиенско-технички стандарди, стационарот е под инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветерина“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Марш на ангелите“: Кој ги штити виновниците, прашаа родителите во Кочани

Во Кочани денеска се одржа 20-тиот „Марш на ангелите“, тивок протест во спомен на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“. Родителите и семејствата на загинатите уште еднаш упатија силни пораки за правда, обвинувајќи дека институциите го штитат криминалот наместо младите животи.
Пред Полициската станица во Кочани тие порачаа дека системот потфрлил затоа што, како што рекоа, имало „заштитници и соучесници во униформа“. Тие побараа неселективна и транспарентна истрага, како и одговор од ОЈО ГОКК за тоа до каде е постапката против вработените во МВР.
„Зошто тие сè уште се на слобода?“ – прашаа родителите.
Маршот започна во 17:05 од „Паркот на револуцијата“, минувајќи низ центарот на градот и завршувајќи пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство во Кочани. Таму семејствата порачаа дека нивната борба не е само за сопствените загубени деца, туку за секое дете во државата.
„Без независен и некорумпиран судски систем, вакви трагедии ќе се повторуваат. Нашите деца ги нема, но вие имате обврска да ја истерате правдата“, изјавија родителите.
Маршот, проследен со силен ветер, заврши со апел до институциите конечно да ја преземат одговорноста и да ја докажат вистинската правда.
Македонија
Паднати дрва 3 часа го блокираа патот кон Меџитлија

Попладнево Битола и регионот беа зафатени од силно невреме проследено со ветер и пороен дожд, што предизвика сериозни проблеми во сообраќајот.
Според Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), во 16:10 часот паднати дрвја го блокираа патниот правец ГП Меџитлија – Битола, поради што сообраќајот беше целосно во прекин.
Сообраќајот на истиот патен правец беше нормализиран дури во 18:50 часот, откако службите интервенираа и патот беше расчистен.
Патниците и возачите денес се соочуваат со сериозни проблеми и застои, не само на овој регион, туку и на повеќе патни правци низ државата. На граничниот премин „Евзони“, на влез од Грција кон Македонија, моментално има големи гужви, а за влез во земјата се чека и до два часа.
Скопје
Силното невреме причина за повеќе пожари во Скопје, сите се изгаснати или локализирани

Попладнево скопскиот регион беше зафатен од силно невреме проследено со силен ветер и дожд, по што речиси истовремено избија повеќе пожари на отворен простор кои беа видливи од различни делови на градот и предизвикаа вознемиреност меѓу граѓаните.
Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот кој го зафати подрачјето над селото Локе–Крушопек е локализиран, а екипите остануваат на терен за следење на состојбата и целосно гасење на сите жаришта.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопштија дека за дел од овие пожари постојат сомневања дека се намерно подметнати. Силниот ветер и дождот во регионот на скопскиот аеродром го оневозможија полетувањето на авионите-ер трактори и армискиот хеликоптер, иако тие беа ставени во состојба на готовност за поддршка на пожарникарите.
Пожари избувнаа на повеќе локации:
Општина Сарај, с. Крушопек, кон падините на Водно (ниска вегетација и мешана шума).
Општина Карпош, кај спортската сала „Борис Трајковски“ (ниска вегетација).
Општина Гази Баба, с. Виниче и Црешево (ниска вегетација и мешана шума).
Општина Бутел, кај последна 57 (ниска вегетација).
Општина Гази Баба, с. Инџиково (трева и ниска вегетација).
Сите пожари се изгаснати или ставени под целосна контрола.
ЦУК апелира до граѓаните кои имаат претрпено материјални штети или забележале дополнителни ризици веднаш да се јават на бројот за итни повици 112.
Голема благодарност беше упатена до екипите на скопската Бригада за противпожарна заштита за нивната брза и пожртвувана реакција, како и до тимовите на ДЗС, доброволното противпожарно друштво од Чаир и граѓаните кои несебично помогнаа на терен.