Македонија
Град Скопје: Обвинувањата на Јанушев се неосновани и паушални
Град Скопје ги отфрла обвинувањата изнесени на денешната прес-конференција на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и остро реагира на истите, оценувајќи ги како неосновани и паушални.
Во целост реакцијата од Град Скопје:
1. Град Скопје ја презема „Дрисла“ на 22 јануари годинава со сите права и обврски коишто произлегуваат од нејзиното работење.
2. На седница на Советот на Град Скопје на 11.2.2020 година, усвоена е Програмата за работа на ЈП „Дрисла“ со што се создава можност во ЈП „Дрисла“ да почнат постапките за јавни набавки
3. Во рамките на затекнатите договори е и договорот склучен со фирмата „Алпима градба тим ДООЕЛ“ којшто истекуваше на 18.02.2020 година
4. Имајќи предвид дека е краток рокот да се спроведат јавните набавки, ЈП „Дрисла“ се обрати до Министерстство за финансии и Бирото за јавни набавки да може да се склучи договор со непосредна спогодба за период од 3 месеци додека заврши постапката за јавната набавка. Таквото барање е одобрено од Бирото.
5. По основ на ваквото одобрение, ЈП „Дрисла“ склучува договор со истата фирма „Алпима градба тим ДООЕЛ “ за цена којашто е поевтина за повеќе од 10% од претходниот договор со нив, склучен од претходното раководство.
6. Согласно планот за јавни набавки, распишана е постапка за избор на понудувач каде што се отворени понудите и според роковите треба да се закаже електронско надавање за најповолен понудувач за изнајмување на градежни машини.
7. ЈП „Дрисла“ со цел во иднина да се избегнат непотребните трошоци за изнајмување машини, распиша и постапка за јавна набавка за резервни делови и одржување на возниот парк и машините на ЈП „Дрисла“ со крајна цел, овој процес јавното претпријатие да го прави самостојно, без склучување на дополнителни договори за изнајмување на градежни машини, што ќе биде стандард на работењето на ова претпријатите откако ќе бидат сервистирани сите машини во сопственост на ЈП „Дрисла“.
8. Прашањето на коешто треба да одговори ВМРО-ДПМНЕ на јавноста е зошто се обиде криминално да ја приватизира „Дрисла“ и зошто во меѓувреме го уништила возниот парк и машинеријата на „Дрисла“, а одбрала да испумпува финансиски средства од претпријатието со склучување договори за изнајмување на градежни машини од надвор.
Напоменуваме дека кадарот на ВМРО-ДПМНЕ во ЈП „Дрисла“ е тој којшто го има склучено договорот со овој правен субјект, а ние само го продолживме за три месеци за поевтина цена од таа што они претходно ја имаа склучено. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да си ја прежали својата „златна кокошка“ и очигледно е дека нивниот добропознат клептомански начин на раководење со институциите е единствен начин на размислување, па токму затоа не можат да ја видат и прифатат различноста во водењето на градот и неговите капацитети според новите, чесни стандарди“, се наведува во реакцијата на град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

