Македонија
Град Скопје прави нов зелен сквер во Карпош
На булеварот Илинден, до гимназијата „Орце Николов“, екипи на Град Скопје од денеска уредуваат нов зелен сквер. Во едниот дел од овој зелен простор наскоро ќе се оформи детско катче со различни реквизити за игра, а во другиот дел ќе се формираат патеки, ќе се постават клупи и маси, чешмичка за вода, паркинг за велосипеди и осветлување.
Уредувањето на ова ново катче е дел од проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на четири локации во Скопје, според кој зелени скверови ќе се формираат и на булеварот Јане Сандански – кај „Палма“, на раскрсницата на булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров и кај поликлиниката „Идадија“ во Центар.
„Станува збор за иницијатива на Град Скопје и Центарот за иновации ‘Скопје лаб’, како резултат на долгогодишната соработка со УНДП, во чии рамки ќе редизајнираме постојни зелени површини согласно со потребите на граѓаните за одмор, релаксација и за дружење. На оваа локација каде што сме денеска беше предвидена изградба на катна гаража, но ние успеавме да го зачуваме зеленилото. За околу еден месец овој простор ќе биде полн со содржини кои граѓаните ги одбраа за оваа локација. За нас како Град е императив да ги зачуваме зелените површини, но и да ги облагородиме“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Иницијативата за редизајнирање на јавните зелени површини почна во 2018 година, во две фази – во првата фаза од граѓаните беа идентификувани седум локации од кои сега почнува редизајнирањето на првите четири. Во втората фаза идентификувани се вкупно девет локации што треба да се редизајнираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно со дожд и засилен јужен ветер, заладување кон крајот на неделата
Времето денес ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа засилен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 14 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе надминат 20 литри на метар квадратен. До среда ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Во четврток и петок ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе услови пад на температурите.
Македонија
Денес ќе биде погребан Зоки Панкер
Последното збогување со Зоран Тодоровски – Панкер, сопственик на клубот „Балет“ ќе се одржи денес, 5 јануари, на Градските гробишта Бутел.
Капелата ќе биде отворена од 13:00 до 14:30 часот, а погребот ќе се одржи по завршувањето на обредот во капелата.
„Скопје се простува со човек кој остави трага, дух и став. Нека почива во мир“, наведуваат неговите пријатели на социјалните мрежи.
Македонија
Мицкоски за Венецуела: Апсолутно стоиме до потезите на САД
Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за позицијата на нашата држава во однос на приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД, кое министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера го поздрави, наспроти воздржаноста на земјите во Европа кон оваа акција и нивниот став дека со неа се поткопува меѓународното право.
Во изјава за медиумите при посетата на Сопиште денеска Мицкоски кажа дека „таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право“.
– И како тогаш сите тие се оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. И како сега наеднаш, сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било меѓународно право итн., имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународноправни експерти. Јас тоа би им го оставил на експертите по меѓународно право. Но, еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб, рече Мицкоски.
На прашање дали е тоа преседан што отсега може да се случи каде било, Мицкоски повторно укажа на случајот со нашата земја и одговори дека „преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН“.
– Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани… Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат… А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, изјави Мицкоски.

