Македонија
Град Скопје: Се почнува со обнова на зелениот појас на кејот на реката Вардар, на потегот од мостот „8 Септември“ до мостот „Обединети нации“

Во рамките на акцијата за зазеленување со нови дрвја и садници во Скопје, ќе бидат засадени 1.000 нови висококвалитетни дрвја, над 50.000 нови садници и декоративно зеленило.
Како дел од акцијата продолжува и третата фаза од проектот за целосна реконструкција на зелениот појас на десната страна на кејот на реката Вардар, која се одвива во повеќе фази со цел воспоставување мултифункционален модерен јавен простор со ново зеленило.
Во третата фаза се почнува со обнова на зелениот појас на кејот на реката Вардар, на потегот од мостот „8 Септември“ до мостот „Обединети нации“, при што со реализација на овој проект се формира нов зелен појас со нова хидрантска мрежа на површина од 25.000 квадратни метри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски и Ердоган во Турција договорија основање на Совет за соработка на високо ниво

Советот за соработка на високо ниво е значаен чекор за односите меѓу двете држави чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој се наоѓа во прва официјална посета на Турција, кадешто задно со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган ја потпишаа заедничката политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво.
Во таа насока Мицкоски истакна дека основите на декларацијата се содржани во самиот темелен документ наречен „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција”, потпишан уште во 2008 година.
„Со цел да го развиеме стратешкото партнерство, донесовме одлука за основање Совет за соработка на високо ниво којшто во самиот документ носи наслов „Совет“, чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и глобално ниво. Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји. Ваквата стратегија ќе претставува основа за развој на соработката во овие области, а Советот ќе го поттикнува нејзиното спроведување“, изјави Мицкоски.
Средбата со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, премиерот ја оцени како исклучително значајна и конструктивна – потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу нашите две земји.
На средбата станало збор за продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена.
„Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар. Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна неодамна и како што објавивме имаме соработка во делот на енергетиката со значајна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодна и гасна мрежа во висина од би рекол до една милијарда долари“, рече Мицкоски.
Дополнително, на средбата станало збор и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството.
Двете земји се сојузници во НАТО, а нашиот заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот“, рече Мицкоски.
Македонија
Меџити: Турција е важен партнер во справувањето со еколошките предизвици

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска ја почна официјалната посета на Република Турција со средба со министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени, Мурат Курум.
Меџити разговараше за можностите за продлабочување на соработката во однос на справувањето со еколошките предизвици и искористување на турскиот модел на борба против аерозагадувањето, кој се покажа како многу успешен.
Меџити и Курум се договорија преку потпишување на меѓудржавен меморандум за соработка, двете земји да разменат искуства и тесно да соработуваат во одржливото управување со индустрискиот отпад, рударскиот отпад, опасниот отпад и медицинскиот отпад. Исто така, дел од оваа соработка ќе биде управувањето со домашните и индустриските отпадни води, вклучувајќи технологии за третман и рециклирање на отпадни води, системи за онлајн мониторинг на капацитетите за третман на отпадни води, управување со квалитетот на воздухот, имплементација на најдобри техники и практики за спречување на загадувањето од индустријата, борба против климатските промени, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и многу области од заеднички интерес.
Двете страни се согласија да соработуваат во блиска иднина во поглед на управување со хемикалии, откривање, анализа и чистење на подрачја контаминирани со опасни материи и хемикалии, во смисла на развој на географски информациски системи за животната средина и релевантно законодавство, заштита на природата и биолошката разновидност во заштитените подрачја, како и планирање, управување и промовирање на заштитените подрачја за спроведување на еко-туристички активности.
За да се постигнат посакуваните ефекти, двајцата министри за животна средина Меџити и Курум се договорија да воспостават програми за научни посети на истражувачи, консултанти, експерти и членови на невладини организации и размена на информации и документи на научно и техничко ниво во однос на истражувачките, развојните и апликативните активности.Развојот на проекти за соработка ќе се реализира преку соработка во рамките на меѓународните договори чии страни се Република Турција и Република Северна Македонија, во рамките на финансиските средства наменети за оваа област.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити за време на престојот во Турција ќе се сретне и со министерот за надворешни работи на Република Турција Хакан Фидан, а заедно со премиерот Христијан Мицковски ќе бидат дел од државна вечера приредена од страна на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Македонија
Николоски: Голем отпор има во Судскот совет и Обвинителството, ако не дадат оставки, во еден легитимен процес во Собрание ќе бидат разрешени

Одредени структури кои со децении се вгнезндени во Судскиот совет и Обвинителството даваат силен отпор. Но во една редовна законска процедура во Собраните ќе бидат разрешени. Граѓаните очекуваат ред и правда и тие што згрешиле ќе одговараат, одговори на новинарско прашање, вицепремиерот Александар Николоски.
Како што истакна тоа е процес кој што граѓаните имаат најголеми очекувања, но за жал се одвива со динамика спротивна на очекувањата на граѓаните од причина како што наведе вицепремиерот Николоски, структурите во овие институции се вгнездени преку три децении и даваат силен отпор.
„Граѓаните очекуваат ред и правда, но за жал ниту Обинителството ниту судството тоа го испорачуваат. Тоа не значи дека сите таму што работат се неспособни или корумпирани, но една мала клика која што е добро поврзана меѓу себе и која политчки има бизнис мотиви го руши целокупниот систем и затоа сакаме да воведеме ред. Првиот чекор беше интерпелациите на членовите на Републичкиот судски совет. И јас очекував дека дента кога ги поднесоа интерпелациите ќе поднесат оставка од причина што мнозинството кои ги избрало веќе не постои и не само што не постои доживеа и катастрофален пораз на парламентарните избори што значи дека народната волја е јасно. Но наместо тоа, тие решија да се спротиставуваат, ќе поминеме низ процедура на разрешување во Собранието и ќе бидет разрешени. Слично е и со Обвинителството. И таму се дава отпор, но тоа е прашање на месец или два. Правдата ќе ги стигне сите тие што згрешиле. Јас можам да кажам само за ресорот што го водам, преку 29 кривични пријави и иницијативи имам поднесено до соодветните институции до сега не е реализирана ниту една што најмногу кажува како и што работат. Слушаме ммогу ветување но малку реализација”- изјави вицепремиерот Александар Николоски.