Македонија
Град Скопје со нов јавен повик за линиите 20 и 22, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ нема да може да конкурираат
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, најави јавен повик кој треба да биде објавен денеска, а се однесува на линиите од кои градот Скопје има потреба. Се работи за линиите со бр. 20 и бр. 22. Но, како што нагласи Арсовска, ниту „Слобода превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да може да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.
„Јавниот градски превоз го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајот организацијата на јавниот градски превоз е обврска на Град Скопје и ЈСП ‘Скопје’“, се истакнува во соопштението од Град Скопје.
Основна заложба на ова градско раководство, како што велат од таму, е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните. Додаваат дека Град Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеаја да оспособат 130 автобуси од флотата на ЈСП, со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година на 270.
На овој начин, како што посочуваат, граѓаните на градот Скопје добиваат подобра, поевтина, сигурна и стандардизирана услуга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

