Македонија
Граѓаните пријавуваат лажни пожари, велат од скопската Противпожарна бригада
Во текот на изминатиот ден, во периодот од 10 до 21.45 часот, во БППЗ – Скопје на бројот 193 биле примени 29 пријави за пожари на територија на град Скопје.
„Од нив, 22 пожара се со интервенција и нивно гаснење и локализирање навремено, меѓу кои и во фабриката ОХИС, каде што се употребија повеќе возила и пожарникари. Седум пријави за пожар беа лажни. Меѓу другото, сѐ уште имаме екипи од БППЗ – Скопје во Пехчево/Берово, велат во соопштението од скопската Противпожарна бригада.
И од Град Скопје информираа дека вчерашниот ден бил исклучително тежок ден за екипите на Противпожарната бригада на Скопје, кои имаа 22 интервенции на територијата на Скопје.
„Повеќето од интервенциите беа за запалена трева, а поголем пожар се случи во фабриката ОХИС. Сите пожари се изгаснати, а на локациите се интервенира со повеќе возила и пожарникари. Во моментот на територијата на Скопје нема посериозни пожари“, додаваат од таму.
„За жал, треба да се напомене дека во време кога во целата земја се соочуваме со голем број пожари, кои нанесуваат голема материјална штета, како и непроценлива штета на флората и фауната, а имаме и човечки жртви, во текот на вчерашниот ден имавме и 7 лажни пријави на пожари“, напоменуваат од Град Скопје.
Апелираат сите граѓани во овие тешки времиња да се однесуваат одговорно и да не го злоупотребуваат телефонскиот број 193 бидејќи во случаи со пожар секоја секунда е важна и таа може да загрози или да спаси нечиј живот.
Поради зголемениот број пожари, Владата вчера прогласи кризна состојба на територијата на целата земја во траење од 30 дена.
Од вторникот исто така во сила е целосна забрана за движење во шумските области во целата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Примарната цел на законот е да ги превенира штетните последици од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува мерки за подигнување на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста. Пораката која ја испраќаме е дека системот им помага на пушачите да се откажат од пушењето, без притоа да бидат стигматизирани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Предвидени се, додава, законски обврски за спроведување превентивни програми за откажување од пушењето, советувања и едукации, како и целокупна поддршка во процесот на откажување од оваа зависност.
-Зависноста од никотин претставува медицински и јавноздравствен проблем. Докажано е дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето, така што примарната цел на овој закон не е да казнува, туку да ги превенира штетните последици од пушењето, посочува Алиу.
Воедно, како што вели, во рамки на законските одредби јасно се утврдени надлежните инспекции, санкциите за непочитување, како и улогата на локалните власти во спроведувањето на законот.
Македонија
Државата наплати данок од над 2 милиони денари од донациите за настраданите во пожарот во Кочани
Иницијативата „Супорт Кочани“ ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации. На лица директно погодени од трагедијата во „Пулс“, распределени се вкупно 3.153.204 денари. При тоа, 123 лица добиле по 15.968 денари, а кај други 19 лица, кај секој, распределени се по 45.992 денари. На име на персонален данок (ППД) се исплатени 319.292 денари.
Ова вчера го соопштија волонтерите од „Супорт Кочани“, иницијатива формирана веднаш по катастрофалниот пожар од 16 март минатата година во кочанската дискотека „Пулс“.
Средствата од третата распределба преку заедничката наменска сметка се донации кои потекнуваат од Македонската православна епархија за Европа и од ослободена провизија од НЛБ Тутунска банка.
Со оваа распределба, процесот на директна финансиска поддршка продолжува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и правична распределба, порачуваат волонтерите.
Во трите распределби до сега, преку иницијативата „Супорт Кочани“, на 142 лица кои потпишале потреба за помош им се донирани во бруто износ вкупно 22.742.997 денари. Од оваа сума на име персонален данок (ПДД), исплатени се вкупно 2.274.285 денари.
Македонија
СДСМ: Орбан и Мицкоски го шират влијанието на Балканот
СДСМ со длабока загриженост ги следи најновите случувања во регионот, предупредувајќи на ширење на унгарското влијание врз клучните економски и енергетски сектори на Балканот. „Политичката и бизнис спрега на релација Орбан–Мицкоски влијае и врз Македонија“, се наведува во соопштението на партијата.
Во Давос, премиерот Мицкоски немаше средба со ниту еден висок европски или светски лидер. Видеата кои сам ги снимаше покажуваат дека имал само неколку кратки средби со партнери, меѓу кои и сопственикот на унгарската 4iG.
СДСМ укажува дека унгарската енергетска компанија MOL, блиска до Орбан, потпишала прелиминарен договор за купување на 56,15% од акциите во српската нафтена индустрија (НИС), која досега беше под контрола на рускиот Газпром. „Овој обид не е само бизнис потег, туку е дел од Орбановиот план за контрола врз енергетските ресурси во регионот“, се вели во соопштението.
Партијата посочува дека Орбан преку унгарски компании веќе инвестира во банкарскиот сектор во Србија и други области на бизнисот, а сега се фокусира и на енергетскиот сектор, вклучително планови за нафтовод меѓу Србија и Унгарија и зголемени испораки на нафта поради санкциите. Двете земји, според СДСМ, и понатаму одржуваат блиски односи со Русија, иако тоа е спротивно на политиката на ЕУ.
„ВМРО продолжува да копира модели од Фидес и СНС, злоупотребувајќи ја власта за лични и партиски интереси“, предупредуваат од СДСМ, додавајќи дека ваквите чекори ја загрозуваат европската иднина на Македонија. Партијата повикува на будност и заштита на националните интереси од странски влијанија.
„Не смее да се дозволи нашата земја да стане дел од овој круг на корупција и авторитарност. Борбата за праведна и европска Македонија продолжува!“, велат од СДСМ.

