Македонија
Граѓанскиот сектор бара избор на стручни и непартиски членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Единствено со избор на стручни, професионални и непартиски членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе се подобри лошата состојба со дискриминацијата и кршењето на човековите права во државата, порачаа претставниците на граѓанскиот сектор на денешната јавна дебата, организирана од Здружението ЕСЕ. Настанот се одржа додека сè уште е во тек Јавниот оглас за избор на членови на комисијата, објавен од Собранието.
Граѓанските организации ги повикаа пратениците да спроведат постапка за избор која ќе биде транспарентна и ослободена од какви било влијанија.
„Собранието мора да избере независни и професионални членови на КСЗД. Независноста на институцијата е клучен предуслов за унапредување на заштитата и спречувањето на дискриминацијата. Затоа при изборот пратениците мора да се водат од објективни и законски критериуми, а не од меѓупартиски договори. Согласно законот, членовите на комисијата мора да го отсликуваат целото општество, односно минимум три членки да бидат жени, а доколку кандидатите ги исполнуваат условите, во комисијата да се изберат и лица со попреченост, Роми, ЛГБТИ-лица“, изјави Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација.
Од Здружението ЕСЕ подготвија препораки за тоа како треба да функционира новата комисија по нејзиното формирање, со цел да се постигне ефикасна и ефективна борба против дискриминацијата во општеството.
„Непосредно по изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, неопходно е преземање низа предуслови за успешно спроведување на законот и зголемување на транспарентноста, отчетноста и ефективноста на комисијата. Формирањето стручна служба на комисијата односно вработувањето квалитетни и професионални кадри е првиот чекор кој треба да биде преземен“, вели Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ.
На јавната дебата беше презентирано и видео преку кое своите сведоштва ги пренесоа лица кои се директно се соочиле со дискриминација.
„Најчесто дискриминацијата ја доживуваме од институции, и тоа институции кои треба да нè заштитат и од насилство и од дискриминација. Често сме дискриминирани од Министерството за внатрешни работи, институција која треба да ја гледаме како поддршка, како заштита, но најчесто токму таму сме дискриминирани“, вели Моника, која десет години се занимава со сексуална работа и е граѓанска активистка која се бори за правата на оваа категорија лица.
Од Министерството за труд и социјална политика порачаа дека со новото законско решение се создадени предуслови за поефикасна борба против дискриминацијата во државата.
„Комисијата сега има обврска задолжително да постапува по сите претставки, што претходно не беше случај, па според достапните информации не се постапувало по 70 отсто од претставките. Исто така, задолжително ќе се поведуваат прекршочни постапки за непостапување по препораките на комисијата“, рече Ѓултен Мустафова, Раководител на Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

