Македонија
Граѓанските активисти не се предомислија: Гасоводот на Водно е штетен проект
По разгледување на документацијата доставена на увид, реалната слика на терен и врз основа на водените разговори со надлежните институции и фирмите вклучени во изградбата, граѓанските еколошки иницијативи остануваат против изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно.
Во соопштението од граѓанските иницијативи: Го сакам Водно, О2 Коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на загадувањето, Екокарпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје смог-аларм и Сакаме Аеродром да дише се наведува дека парк-шумата Водно е заштитено подрачје и дом на загрозени, ретки и ендемични видови.

„Трасата на гасоводот, 11 километри по Водно, би поминала низ над 4 километри високостеблеста шума, даб (благун и горун) и габер (бел и воден), црн бор, со ширина помеѓу 25 до 10 метри односно 10 до 4 хектари шума), дел низ т.н. нискостеблеста шума, би ги уништила живеалиштата на значајни видови, од кои еден е ендемичен скакулец кој живее само на Водно (Poecilimon vodnensis), потоа растението Fritillaria gussichiae, кое има меѓународен статус на заштита и се наоѓа на разни листи, од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, Европски загрозените видови, Бернската конвенција, Хабитат директивата, како и на неколку ретки и значајни видови печурки. Дел од трасата поминува низ строго заштитена зона, според ревалоризацијата на парк-шумата Водно, која носи повисок степен на заштита. Минирањето на камењарите и тревестите делови, т.н. голи појаси на трасата, би уништило голем биодиверзитет и ретки видови со кои обилуваат“, се вели во соопштението.
Активистите наведуваат дека гасоводот започнува од јужната страна од с. Сопиште, при што преку срт оди кон врвот на Водно, па паралелно со пешачката патека кон Бункерите, цело време низ шума, по што повторно преку шума оди до Бел Камен, од каде се спушта кон с. Шишево. Според активистите, ова претставува една од поомилените рекреативни зони на скопјани, особено по изградбата на жичницата, а посебно популарна од отпочнување на градежните работи на кулата на АЕК, поради која посетителите веќе го избегнуваат врвот Крстовар.

Покрај природните вредности, се вели во соопштението, парк-шума Водно содржи и значајни палеонтолошки и археолошки наоди кои со ископот на трасата и минирањето, потенцијалните наоди би биле неповратно уништени.
Во соопштението на активистите се наведува дека со оглед дека постои алтернативно решение, кое поминува од северната страна на Скопје и кое било разгледувано во 4 од можните 5 варијанти на оваа траса, штетите нанесени на парк-шумата Водно се неоправдани.
„Во студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот се наведува дека избраната траса бара минимална експропријација. Најголемиот дел од трасата низ Водно е државно земјиште. Но, минимална експропријација не смее никогаш да биде причина за избор на траса, особено кога тоа значи градење низ заштитено подрачје. При тоа 56 километри од целата траса, заедно со кракот за Тетово, имаат незавршен процес на експропријација и Владата само за оваа година планира да потроши околу 6 милиони евра за решавање на имотно-правните односи на овој дел од гасоводот, делница 5. Што значи, стопирањето на гасоводот низ Водно и одобрување на алтернативна траса за тој потег не е главната пречка за изградба на гасоводот до Тетово и Гостивар.
Дополнителна причина за изборот на оваа траса низ Водно, наведена од проектантите, е што не ги сече главните водоводни цевки од Рашче кон Скопје. Но во исто време, планираниот гасоводен крак за Косово го прави токму тоа, што повторно не го оправдува изборот на трасата низ парк-шумата Водно“, се истакнува во соопштението.
Освен горенаведеното, активистите истакнуваат дека има и недоследности во документацијата.
„Град Скопје, декември 2017 година, доставува одговор до МЕР во кој заклучува дека треба да се преиспита трасата на гасоводот, да се изготви нова оцена на влијание врз животната средина, како и да се повтори постапката за добивање на потребната документација за изградба на предметната делница на гасоводот. Од сите 53 документи наведени во Одобрението за градење, ниту еден не е документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје. Оцената на влијание врз животната средина за овој проект не го разработува делот на трасата на гасоводот кој поминува низ заштитената парк-шума Водно, и со тоа не се земени предвид влијанијата врз тој простор“, се наведува во соопштението и се додава дека постојат нелогичности и неслагање на датумите на поднесување барања, издавање на документите и склучувањата на договорите.
Граѓанските активисти истакнуваат дека ќе се борат со сите расположливи средства доколку се продолжи со работење на трасата низ парк-шума Водно. Тие велат дека се надеваат дека МЕР и Владата ќе одобрат алтернативна траса, со што парк-шума Водно ќе остане заштитена, а магистралинот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар ќе се изгради.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

