Македонија
ГРЕКО задоволна од исполнетоста на препораките што се однесуваат на Јавното обвинителство
Министерството за правда денеска го објави вториот аденум на вториот извештај за усогласеност на Република Северна Македонија од четвртиот круг на евалуација на тема „Спречување на корупција кај пратениците, судиите и обвинителите“ усвоен од Групата на држави против корупцијата (ГРЕКО).
Во најновиот извештај на ГРЕКО за нашата земја се констатира дека земјата задоволително ги исполнила повеќето од препораките кои се однесуваат на спречување корупција кај јавните обвинители. Така, ГРЕКО го поздравува усвојувањето на измените во Етичкиот кодекс на јавните обвинители, со кои експлицитно беше наведен концептот „гостопримство“ како вид нематеријална корист, која им е забранета на јавните обвинители. Измените во оваа насока, по предлог на Здружението на јавните обвинители, беа усвоени од Советот на јавните обвинители во ноември 2023 година, со што оваа препорака е имплементирана во задоволителна мера.
Освен ова, во септември 2023 година, во согласност со препораките на ГРЕКО, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе нов правилник за примање, располагање и евиденција за примени подароци на јавните обвинители при протоколарни настани, кој е целосно усогласен со сличните подзаконски акти во европските институции. И за оваа препорака ГРЕКО констатира дека е имплементирана задоволително.
Во однос на работата на Јавното обвинителство, како делумно имплементирана останува само препораката која се однесува на ревизија на дисциплинскиот режим што се применува за обвинителите и тоа во насока јасно да се дефинираат повредите и да се прошири опсегот на дисциплински санкции. Оваа препорака опфаќа законски измени, чие предлагање е во надлежност на Министерството за правда, особено во делот на Законот за Јавното обвинителство, а во таа насока Обвинителството веќе доставува свои конкретни предлози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средношколките во Охрид ќе се едуцираат како да се заштитат од сајбер напади
Камп за сајбер безбедност за средношколки се одржува во Охрид, како дел од проектот CybHER – Зајакнување на жените и девојките во сајбер безбедноста, кој го спроведува Британскиот совет во државите од Западен Балкан, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство.
Пред учесниците на кампот денеска ќе се обрати државниот секретар во Министерството за образование и наука Елена Ивановска.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.

