Македонија
Грковска: Донаторската поддршка во сајбер-безбедноста е неопходна, но таа мора да биде координирана и соодветно испланирана
Во организација на ферманското федерално Министерство за надворешни работи, на последниот ден од глобалната конференција за градење сајбер-капацитети, што се одржува во Акра, Гана, се одржа панел-дискусија „Ниедна земја да не заостане – Справување со асиметриите и политиките во градењето сајбер-капацитети“, на која учествуваше заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
„Во денешниот меѓусебно поврзан свет од клучно значење е да се осигури дека ниедна земја нема да заостане кога станува збор за решавање на потребите произлезени од технолошкиот развој. Ова значи обезбедување на потребната поддршка и ресурси за премостување на диспропорциите меѓу земјите и справување со финансиските и политичките предизвици што се јавуваат при градењето на сајбер-капацитетите“, истакна вицепремиерката Грковска и додаде дека помошта од развиените партнерски земји во процесот на дигиталната трансформација е исклучително важна за земјите што имаат ограничени ресурси и многубројни политички и социо-економски предизвици.
Во таа насока, таа истакна дека донаторската помош, особено за малите земји, како што е Северна Македонија, мора да биде координирана за да нема преклопување на проектите, но и особено да се внимава преку таа поддршка да се постигнат одржливи и долгорочни промени.
Претставувајќи ја работата на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со кој претседава, Грковска истакна дека особено важна е координацијата на донаторската помош, без разлика дали се работи за финансиска или експертска поддршка бидејќи често се забележува појава на проекти што се преклопуваат, што значи несоодветно искористување на добиените средства. Според неа, не е доволно да се обезбедат средства од поразвиените земји или меѓународни организации за унапредување на дигитализацијата, туку и начинот на кој таа се користи мора темелно да се испланира и имплементира. Токму затоа, додаде Грковска, таа организира месечни координации со меѓународните донатори со цел да се избегне преклопување на проектите.
Грковска истакна дека асиметричниот развој не создава слабости само за помалку развиените земји, туку и за меѓународната заедница. „По разгорувањето на војната во Украина, често велам дека постојано сме во сајбер-војна и мораме да бидеме целосно подготвени да одговориме на сајбер-заканите. Особено што веќе имаме искуство со големи напади, кои предизвикаа проблеми за нашите граѓани и институции. За жал, требаше да се случи агресијата врз Украина за да сфатиме дека инвестициите во сајбер-безбедноста се инвестиции за наша безбедна иднина, а не трошок“, заклучи Грковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно и потопло време со сончеви периоди
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Попладне ќе има локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 20 до 26 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник.
Македонија
Силјановска се заблагодари за честитката од ЕУ: Со нетпрение очекувам да ја продолжиме соработката
Силјановска Давкова се заблагодари за честитката од ЕУ и порачува дека со нетпрение очекува да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион.
„Денеска, како избрана претседателка, добив официјално соопштение од Европската Унија со кое ми се честита победата на изборите. Темелот на мојата на кампања беше градењето на консензус помеѓу сите политички партии во Собранието, како од власта, така и од опозицијата, граѓанското општество и македонските граѓани, независно од нивните разлики. Нашиот клучен стратешки проект е европската интеграција и истата останува да биде темел за градењето на консензус помеѓу различните чинители во општеството. Потенцирам дека под мое водство нашата надворешна политика ќе продолжи да биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Со нетпрение очекувам да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион“, се наведува во соопштенеито испратено од тимот на Гордана Силјановска Давкова.
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи.
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
Македонија
(Видео) Стоилковски го поздрави лидерот на ДУИ јадејќи бисквита: „Поздрав, Али“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на социјалните мрежи објави видео во кое, јадејќи бисквита го поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Стоилковски вели дека оди на состанок со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа зема бисквита и почнува да ја јаде.
„Поздрав, Али“ , вели Стоилковски.
Стоилковски алудира на изјавата на Ахмети која тој ја даде од митингот на „Европскиот фронт“ во Скопје пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори кога рече оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е израснат со бисквити и гурабии.