Македонија
Грковска: Ефикасното управување со јавните финансии го намалува просторот за злоупотреби и корупција
„Ефикасното управување со јавните финансии и доброто владеење воопшто значи што посоодветно и што поправично исполнување на општествените приоритети со ресурсите што ни се на располагање, а кои не се неограничени. Доброто управување значи грижа за стабилноста, за градење ефикасни институции, кои го исполнуваат интересот на граѓаните и создавање услови за социо-економска еднаквост и напредок. Секое управување, кое во себе ја нема оваа мисија, остава поголем простор за корупција“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на првата сесија на работната група за антикорупција, формирана во рамките на проектот „Национална конвенција за Европската Унија – Кластер 1“.
Грковска посочи дека справувањето со корупцијата и заштитата на финансиските интереси на државата се меѓу клучните теми од интерес за сите граѓани и го истакна значењето на граѓанскиот сектор, кој преку демократска дебата и експертиза придонесува во реформските процеси.
„Штитејќи ги финансиските интереси на државата, ги штитиме интересите на граѓаните, на нивните средства. Затоа е исклучително важно постојано да се зголемува финансиската контрола и одговорност, со инкорпорирање на европската регулатива и практики и со понатамошно јакнење на транспарентноста на јавните финансии“, изјави Грковска дополнувајќи дека на полето на транспарентоста изминативе години Владата направи значаен исчекор напред и продолжува во насока на градење култура на активна транспарентност во нашите институции.
Ефикасното управување со јавните финансии, нагласи таа, само по себе е еден од најсилните механизми за спречување на корупција и тоа треба да се има предвид во сите напори за елиминирање на негативните и штетни појави во општеството.
„Факт е дека оваа појава е позастапена во помалку развиените земји, а и дека најмногу им штети на најсиромашните. И тој круг е обрачот што ги заробува можностите за развој. И понекогаш се чини дека е невозможно да се скрши. Но, не е така, бидејќи ако проблемот е во системските слабости, во недостигот на транспарентност и отчетност, и самите решенија на проблемите се наоѓаат на истото место. Сепак, комплексноста на корупцијата значи дека за справување со овој феномен мора да има волја и напори на сите нивоа и гранки на системот“, оцени таа.
Сесијата се одржа во Клубот на пратениците, во организација на Европското движење на Северна Македонија, кое преку експертски и отворен дијалог континуирано придонесува за прашања поврзани со пристапните преговори за членство во Европската Унија и помага тие да се обликуваат во согласност со поширокиот јавен интерес. Во оваа сесија учествуваше и гувернерот на Народната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ, поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, Шенај Хаџимустафа, професорка на ЈИЕ, Александар Кржаловски и Снежана Камиловска-Трпевска од МЦМС, претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска, и Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

