Македонија
Грковска – Задиќ: Корупцијата е проблем во сите држави, неопходен е ефикасен механизам
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се сретна со министерката за правда на Австрија, Алма Задиќ, со која разговараа за потребата секоја држава да има ефикасен и независен правосуден систем.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари за поддршката што Австрија ѝ ја дава на нашата држава во рамките на нашиот евроинтеграциски пат, која е особено значајна во процесот на реформите што нашата држава треба да ги спроведе за да ги исполни критериумите на Европската Унија.
Соговорничките разменија искуства и за начинот на кој функционира правосудниот систем во двете земји, пришти беше истакнато дека треба да се воспостави одржлив систем, кој ќе дава резултати и кој нема да зависи од личности.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека изборот на судии и обвинители мора да биде транспарентен, а одлучувачки да бидат квалитетот, знаењето, искуството и интегритетот на избраните лица.
Заедничка беше констатацијата дека сите држави се соочуваат со корупцијата, но важно е секоја држава да изгради ефикасен механизам, кој ќе ја сведе корупцијата на најниско ниво.
Вицепремиерката Грковска информира за надлежностите на својот кабинет за политики за добро владеење, кој, освен што е посветен на креирање антикорупциски политики, на дигитална трансформација на општеството и на градење професионални, отчетни и ефикасни институции, особено е фокусиран на младите.
Министерката Задиќ ја поздрави одлуката на Северна Македонија и на вицепремиерката Грковска да посвети значајно внимание на политиките за добро владеење. Таа додаде дека улогата на жените и на младите во промените во општеството е клучна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

