Македонија
Грковска: За реформите во образованието да изградиме консензус, веќе немаме право на грешки
Од квалитетот на образованието зависи капацитетот на човечкиот капитал што една држава го поседува. Едно општество може да оди напред само со квалитетен образовен систем, кој ќе продуцира кадри кои ќе бидат двигатели на позитивните општествени процеси“, оцени заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешниот состанок што го организираше заедно со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, а на кој присуствуваше и регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан.
На состанокот, на кој се разговараше за подобрување на ефикасноста, ефективноста и правичноста на буџетските расходи за основното образование присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусени, повеќе градоначалници од сите региони во земјава, пратеници од Собранието на Северна Македонија, експерти од Министерството за финансии, Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава, како и претставници од Светска банка.
„За жал, сите меѓународни извештаи покажуваат дека имаме проблем со квалитетот на знаењето и стручната подготовка на младите. Алармот е веќе вклучен, и за Владата и за локалните самоуправи, и за вработените во образованието. Ако веднаш не преземеме конкретни мерки и чекори, ќе биде доцна. Веќе немаме право на грешки, немаме право на импровизации, немаме право на партиски поделби, веќе немаме право на наши и ваши реформи. Да ги засукаме ракавите сите заедно, да постигнеме консензус дека образованието и нашите млади ни се најважни и да почнеме да работиме“, нагласи вицепремиерката Грковска.
Вицепремиерката Грковска изрази задоволство што е отворена дебатата за финансирањето на образованието, за висината на инвестициите во образовните објекти, за блок дотациите наменети за плати за наставниот, стручниот и техничкиот кадар, како и за вкупниот буџет што државата го одвојува за образованието.
„Промени во начинот на финансирање на образованието мора да има, но промени и во свеста и кај наставниот кадар, но и кај граѓаните мора да има. Мора да се мотивираат сите на образованието да гледаат како на процес за стекнување знаење и вештини, а не како на пат кој мора да се изоди само за да се добие повисока оценка“, потенцираше таа.
Регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан оцени дека за секое дете да може да учи и да го постигне својот целосен потенцијал, од клучна важност е училиштата да имаат соодветни ресурси, а наставниците да добиваат поддршка приспособена на нивните потреби.
„Владата на Северна Македонија вложи огромни напори да ги зголеми инвестициите и да ја подобри ефикасноста и правичноста во распределбата на трошоците во образованието за секое дете, без оглед кое е и каде живее, да добие квалитетно образование. Неопходно е силно партнерство за да го вратиме учењето на секое дете на вистинскиот пат и затоа УНИЦЕФ продолжува посветено да работи со Владата и со сите партнери за ова да се оствари,“ рече Кан.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири информираше за плановите за реформи во образованието кои треба да овозможат унапредување на квалитетот.
„Владата работи на приближување на јавните расходи за образование, како процент од БДП, до нивоата на развиените земји, со што ќе обезбедат доволно средства за инвестиции во училишните објекти, набавка на современи наставни помагала, инклузивно образование, образование на јазиците на различни етнички заедници и професионален развој на наставниците“, рече Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
УНИЦЕФ ги поддржува централните и локалните власти да ги зајакнат капацитетите за развој и воведување на нов систем за транспарентна и правична распределба на средствата за основните училишта. Десет општини што први го започнаа процесот добиваат поддршка за подготовка на локални планови за оптимизација, во тесна консултација со учениците, родителите и наставниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.