Македонија
Грковска – Клеин: Продолжува поддршката од Унгарија во евроинтеграцискиот процес

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа средба со амбасадорот на Унгарија во земјата, Андраш Клеин.
Грковска се заблагодари за поддршката што нашата држава ја добива од Унгарија во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во актуелниот чувствителен период на геополитички реструктуирања, кога процесот на проширување претставува и безбедносно прашање за земјите од регионот, но и за самата Унија.
Клеин нагласи дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е висок приоритет за неговата земја, која во втората половина од 2024 година ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ. Во поглед на предизвиците со кои се соочува Северна Македонија на патот кон полноправно членство тој изрази загриженост поради можноста од раздвојување на процесите на интеграција на Северна Македонија и Албанија.
Двајцата соговорници се согласија дека во остварувањето на стратешките цели справувањето со корупцијата е еден од најважните приоритети. Во таа насока вицепремиерката го информира амбасадорот Клеин за активностите што ги спроведува Кабинетот за политики за добро владеење во делот на јакнење на антикорупциските алатки и механизми, а беа споделени и мислења за актуелните измени во легислативата и за состојбата во правосудниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.