Македонија
Грковска: Криминалците се жилави во изигрување на законот и мора да работиме на минимизирање на просторот за маневри
„Криминалците се жилави во изигрување на законот и мора да работиме на минимизирање на просторот за маневри кога станува збор за избегнување на одговорност и зачувување на криминално стекнатиот имот“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на јавната расправа за предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, која денеска се одржува во Клубот на пратениците.
Грковска посочи дека донесувањето едно вакво законско решение е неопходно во нашиот систем како дополнителен антикорупциски механизам. Бидејќи, како што појасни таа, праксата покажува дека поради постојните празнини во легислативата, недоволно се санкционира коруптивното и криминално постапување, дури и во случаи кога криминалот е очигледен, а имотот несразмерен на законски стекнатите приходи.
Предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка цели кон заштита на јавниот интерес на Република Северна Македонија на начин што се оневозможува каква било корист од имот, а за кој во постапката, во согласност со овој закон, ќе се утврди дека не бил стекнат од законски извори. Со овој закон се ограничува правото на сопственост во согласност со Уставот, законот и меѓународните стандарди и праксата на ЕСЧП за овој вид конфискација.
Истакнувајќи ги придобивките од законот, вицепремиерката Грковска нагласи дека тој не претставува замена за конфискацијата во кривична постапка, туку е дополнителен помошен инструмент и механизам. Таа дополни дека особено е важно што со законот се предвидува можност конфискуваниот имот во граѓанска постапка да биде даден на користење за остварување на социјалните потреби и цели во општеството.
„Ние сме мала земја, со многу јавни тајни, а многу малку разрешници. И тоа придонесува за уште поголемо чувство на немоќ на обичниот граѓанин, но и драстично ги изместува клучните вредности во заедницата. Па, така, доаѓаме до ситуации кога тие што отворено ги манифестираат плодовите на својот криминал, се рол-модели за нашите млади. И токму оваа фактичка ситуација треба да ни биде најголемиот мотив за да го подобриме пристапот и механизмите во справувањето со корупцијата и организираниот криминал и да воведуваме конкретни алатки со кои оваа борба ќе стане поуспешна и со повидливи резултати“, изјави Грковска.
Изработката на предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка почна со изработка на нацрт-текст заснован на физибилити-студија и анализа на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи, која беше подготвена во соработка на Кабинетот за политики за добро владеење со Советот на Европа. Врз таа основа, формалната работна група го изготви предлог-законот кој е предмет на денешнава јавна расправа. Подготовката на новото законско решение веќе е дел од патоказот „Владеење на правото“ од Кластерот 1 – „Основи“ и за овие активности постојат рокови чија реализација ја следи Европската комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

