Македонија
Грковска: Мора да ја вратиме довербата на младите во институциите
„Кога се во прашање младите, мора да се обединиме сите заедно и координирано, со системски пристап и со одржливи решенија да создадеме услови младите да сакаат да останат дома, во својата татковина и со своето знаење, умешност, креативност и младешки дух да дадат значаен придонес за развојот и напредокот на државата. А младите имаат навистина многу да дадат во унапредување на сите области во државата“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панел-дискусијата што се одржа по нејзина иницијатива, а на којa се разговараше за младинските политики, како и за потребите, можностите и предизвиците со кои младите се соочуваат.
На трибината учество зеде и Армен Грегоријан, постојан претставник на УНДП во Северна Македонија, како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, како и претставници на Националниот младински совет, Младинскиот образовен форум, претставници на здруженијата на студентите и на средношколците, Младинскиот ресурсен центар (ICan), Форумот за образовни промени и Сојузот за младинска работа.
„Наш приоритет во моментот е преку јакнењето на институциите, кои мора да бидат професионални, ефикасни, одговорни, отчетни и транспарентни и кои доследно ќе работат во согласност на принципите за добро управување, да ја вратиме довербата на граѓаните во системот. Да ја вратиме довербата на младите во институциите, вербата дека се можни промени на подобро и вербата дека и младите може да бидат активни фактори во промените“, нагласи вицепремиерката Грковска.
![]()
Таа го потенцира проблемот со иселување на младите од државата и изрази грижа што оваа тенденција продолжува и нагласи дека мора да ги подобриме состојбите во нашата држава за голем дел од младите да решат да останат тука.
„Сите ние одлучуваме во какво општество ќе живееме и каква иднина ќе градиме. Поединецот, Владата, институциите не може да постигнат многу доколку нема промена на свеста кај секој од нас. Најтежок процес во секоја трансформација на општеството е промената на свеста“, додаде Грковска.
На панел-дискусијата беше поздравена одлуката да се работи на Стратегијата за млади 2023 – 2027, процес што го води Агенцијата за млади и спорт со поддршка на УНДП, која треба на реален начин да ги дефинира идните политики, но и која ќе предвиди обврски за нејзина имплементација наредниот период за сите институции.
Истовремено, беше потенцирано дека фокусот во наредниот период треба да биде насочен кон подобрување на образовните политики, политиките за вработување на младите, но и истовремено на младите да не се гледа како на хомогена структура, туку политиките и мерките да бидат дефинирани според потребите на разните групи млади, во зависност од тоа дали доаѓаат од урбана или рурална средина, дали станува збор за млади со попречености, дали станува збор за млади со воспитно-социјални проблеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

