Македонија
Грковска на средба со европратениците: Владата е посветена да изгради општество со професионални институции
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со европратениците Ирена Јовева и Владимир Билчик, на која се разговараше за тековните реформи во делот на спроведување политики за добро владеење.
На состанокот, на кој присуствуваше и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, особено беше нагласена важноста на политичката поддршка, но и експертиза што доаѓа преку ЕУ-фондовите при реализација на реформските процеси во земјата.
Вицепремиерката Грковска истакна дека и покрај бугарското вето, Северна Македонија ги продолжува реформите дома. Владата на Северна Македонија е посветена да изгради општество со професионални, ефикасни, транспарентни и одговорни институции, насочени кон обезбедување подобри услуги за граѓаните.
„Мојата работа како вицепремиерка за политики за добро владеење е фокусирана на воспоставување системски и долгорочни решенија. Кабинетот за креирање политики се заснова на три главни столба – дигитална трансформација на општеството, транспарентни и ефикасни институции и развивање антикорупциски политики. Воспоставивме партнерски односи и соработка со министерствата, како и со Државната антикорупциска комисија, Државниот завод за ревизија, Бирото за јавни набавки, како и со граѓанските организации“, нагласи Грковска.
Европратеничката Ирена Јовева, која доаѓа од Словенија, а има македонско потекло, истакна дека Европскиот парламент дава целосна поддршка за почеток на преговорите и изрази оптимизам дека тоа набргу ќе се случи. Европратеникот Владимир Билчик исто така ја нагласи поддршката и истакна дека е важно политичкиот дијалог да продолжи кога се во прашање стратешките интереси на државата, како што е европската интеграција.
Соговорниците размениле мислења и за работата на администрацијата и за процесот на дигиталната трансформација на општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

