Македонија
Грковска од Виена: Жените да останат на фронтот во борбата за добро владеење
Заменичката на претседателот на Владата, Славица Грковска, задолжена за политики за добро владеење, се обрати пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, на кој фокусот беше ставен на женските права и состојбата со родовата еднаквост и корупцијата, при што истакна дека стекнатите права како најголема цивилизациска придобивка мора постојано да се штитат од прекршување или одземање.
„Борбата на жените трае со векови и тие постојано поместуваат граници затоа што, едноставно, мораат. Се борат против нееднаквоста, насилството, економската и политичката немоќ, против исклученоста од процесите на одлучување. Истражувањата покажуваат дека таму каде што правата на жените се уживаат целосно, таму каде што жените се застапени во носењето одлуки, корупцијата е пониска. Тој што е против унапредувањето на човековите права е против напредокот на целата заедница бидејќи цели кон исклучување групи од социјалните текови. Тие што вршат сексуална изнуда врз жени или ги држат во ропство, со сигурност се вмешани и во други форми на корупција“, нагласи вицепремиерката Грковска.
Во контекст на темата, таа потсети на Кетрин Џонсон, жена херој, која успеала со своето знаење, упорност, непокорност, да ги надмине сите пречки со кои се соочила на својот професионален пат и буквално да го освои американското општество. Таа била првата жена Афроамериканка, која на крајот на педесеттите и на почетокот на шеесеттите години од минатиот век, во централата на НАСА, со своите математички знаења и вештини, го дала најзначајниот придонес за развојот на вселенската програма, што се смета за еден од најголемите успеси на човештвото. Нагласи дека Кетрин се соочувала со разни форми на дискриминација – полова дискриминација, расна дискриминација, и тоа во исклучително тешки времиња кога за човековите права од оваа перспектива воопшто не се ни разговарало, а жените во науката биле застапени на ниво на статистичка грешка.
„Да не заборавиме и дека силите што се залагаат за регрес на правата на жените или маргинализираните групи, всушност се антидемократски сили и во себе го носат поривот за надмоќ, за владеење со сила, за селективност и затвореност. Тоа не е владеење какво што посакуваме затоа што тоа им штети на луѓето, на мирот, на слободите. Затоа жените мора да бидат на фронтот на борбата за добро владеење“, додаде Грковска во своето обраќање.
Таа истакна дека жените мора да продолжат да се борат за себе, но и да градат сојузништва за борба против појавите и практиките што го минираат развојот, како што е корупцијата, бидејќи таа е силен фактор што го прави невозможен излезот од сиромаштија и поради кој луѓето немаат еднаков пристап до добра, услуги и можности за развивање и подобар живот и стандард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.