Македонија
Грковска – Шантц: Антикорупциското образование и јакнењето на интегритетот се најважниот влог за иднината на секоја држава
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамките на посетата на Обединетите нации, имаше работен состанок со претставничката на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), Делфине Шантц, со која разговараше за потребата од организиран и системски пристап во справувањето со корупцијата и организираниот криминал.
Грковска ѝ се заблагодари на Шантц за поддршката што УНОДЦ ѝ ја дава на Северна Македонија како на експертско ниво така и во делот на координираниот регионален пристап. Во таа насока таа ја истакна соработката за имплементацијата на стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот.
Особено се осврна на активностите што нејзиниот кабинет ги презема, а кои се фокусирани на младите и во поглед на јакнење на свеста за интегритетот како основна и клучна вредност и во однос на антикорупциското образование додавајќи дека овие политики се најважниот влог за иднината на државата.
Претставничката на УНОДЦ, Шантц ,ја поздрави посветеноста на македонската Влада на политиките на добро владеење и младинските политики, прашање на кое, како што рече таа, Обединетите нации посветуваат особено внимание имајќи предвид дека младите се оние што ќе бидат идни лидери и идни носители на одлуки.
Во тој контекст Грковска информира за кампањата „Зависи од мене и тебе“, што ја иницира таа, чија цел е на младите да им укаже дека промените зависат од сите нас и дека сите треба да учествуваат и да придонесат за создавање подобар, поефикасен и просперитетен систем.
Двете соговорнички разговараа и за активностите што нашата држава ги презема за справување со корупцијата во спортот, при што претставничката Шантц истакна дека ова прашање е од исклучително значење и во светски размери.
Во рамките на одбележувањето 30 години од зачленувањето на нашата држава во Обединетите нации, Грковска денеска во седиштето на ООН во Њујорк ќе го модерира панелот на тема „Граѓанско општество и солидарност“, на кој ќе учествуваат Ивана Живковиќ, помошничка на генералниот секретар и директор за Европа на УНДП, Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Вики Младенова, координатор на ЕРАЗМУС, и Љубомир Фаизов, координатор во ЛГБТИ-центарот за поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови
Македонија
Гаши – Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
Претседателот на Собраниетo на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата. На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
Беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Двајцата соговорници се сложија дека политиката на проширување на Европска Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.
Исто така, соговорниците нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата кои студираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Гаши изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската унија.
Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.

Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.

Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.

