Македонија
Грковска – Јовески: Јакнењето на интегритетот во правосудниот систем е клучен за враќање на довербата кај граѓаните
Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, и јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, денеска одржаа работна средба на која се разговараше за активностите на Јавното обвинителство во насока на имплементација на забелешките содржани во извештајот на Европската комисија. Вицепремиерката Грковска во координација со институциите надлежни за справување со корупцијата презема конкретни активности за доследна имплементација на препораките од извештајот на ЕК за напредокот на нашата држава.
Вицепремиерката Грковска изрази подготвеност во рамките на своите надлежности за доброто владеење и унапредување на владеењето на правото да даде поддршка на активностите на Јавното обвинителство со цел да се надминат нотираните предизвици во извештајот на ЕК. Кабинетот е отворен за соработка со сите надлежни институции за потребата од зајакнување на внатрешните механизми и се залага за воспоставување мерит-систем во сите институции.
Таа потенцира дека јакнењето на интегритетот во правосудниот систем е клучен за јакнење на довербата во правосудството, но и за обезбедување правда и правичност. На обуките за интегритет, но и на сите други обуки, треба да се гледа како на инвестиција. Обуките треба да бидат дел од мерит-системот, односно треба да се мери ефектот од обуките преку вреднување на бројот на предмети во кои било применето стекнатото знаење.
Јавниот обвинител Јовески информира дека веќе се преземени конкретни чекори за постапување во согласност со ЕУ-препораките, како што е воспоставувањето целосна функционалност на четирите истражни центри во земјата. Тој се осврна на внатрешни механизми на Јавното обвинителство во насока на етичко и професионално постапување на јавните обвинители, како и на донесениот правилник за оценување на работата на јавните обвинители.
Во насока на континуирана модернизација на процесите и подобрување на севкупната функционалност на Јавното обвинителството и сите други институции, на средбата беше истакната и потребата од обезбедување софтверски решенија и соодветен технички кадар заради целосно и непречено функционирање на интероперабилноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Центар, Кисела Вода, Сопиште, Гази Баба и Карпош
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.00 до 16.00 часот, корисниците од ул. Мирослав Крлежа лоцирани позади грчка амбасада, како и стамбените објекти и локалите на бул. Партизански Одреди од бр. 19 до бр. 23, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 13. 40 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани на потегот од маркет Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. 8, како и дел од корисниците од ул. 12 во село Долно Соње, општина Сопиште;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од улиците 30, 36 и 38 во населба Трубарево, општина Гази Баба;
– во периодот од 09.30 до 12.00 часот, корисниците од бул. Партизански Одреди бр. 70Б – ТЦ АЛУМИНКА, општина Карпош;
-во периодот од 11.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Женевска, општина Карпош.
Македонија
Времена измена во сообраќајот на делницата клучка Миладиновци – клучка Петровец
На 23/24.02.20026 на Автопат А-1 делница клучка Миладиновци – клучка Петровец ќе се одвива времена измена во сообраќајот поради технички изведувања од ДПТУГ Електра Груп ДООЕЛ, кај клучка Аеродром, во дневен период од 6 до 8 часа, сообраќајот ќе се одвива во сообраќајните ленти за претекнување, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

