Македонија
Грковска: Eдношалтерскиот систем нуди можности за брзо и ефикасно аплицирање и испорачување на услугите за граѓаните

Во рамки на повеќебројните работни активности на Меѓувладината работна група за унапредување на соработката во ЕУ интеграцијата, зелените политики, доброто владеење и дигиталната трансформација, кои денеска се одржаа во Скопје, заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, со министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и колегите од бугарската делегација, предводена од вицепремиерката за добро владеење Калина Константинова го посетија Центарот за услуги „Една точка на услуги“, каде се запознаа со функционалноста на овој сервис на граѓаните, кој обезбедува брзи и функционални услуги од повеќе институции.
Грковска, која и самата ја испроба постапката за вадење документ на еден од шалтерите, истакна дека едношалтерскиот систем нуди можности за брзо и ефикасно аплицирање и испорачување на повеќе од 70 услуги за граѓаните од различни институции на само едно место.
„Дигиталните услуги и имплементацијата на механизми за нивна ефикасна испорака до граѓаните се од исклучителна важност и значително го скратува времето и процесот на изготвување на документи од сите области. Преку овој систем, јас денеска за помалку од една минута го добив својот документ – Потврда за работен стаж“, посочи таа.
Во рамки на работниот состанок со делегацијата од Република Бугарија, вицепремиерката додаде дека Владата и нејзиниот Кабинет продолжува со комплетната посветеност на креирање добри политики во интерес на граѓаните кои се од суштинско значење за подобро системско функционирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од улицата Мијачка, општина Ѓорче Петров.
Македонија
(Видео) Арсовска: Фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката Витина

„Водата е природен ресурс, не се произведува во фабрика, извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат. Рашче сред суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката во изминатиот месец на дневно ниво е РЕКОРДНИ 356.000 м3 НА ДЕН, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител“, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Секој ден се фаќаат по 30 ДИВИ ПРИКЛУЧОЦИ од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува.
Тогаш мафијашите мислат дека можат да прават што сакаат и ќе си поминат неказнето, а нивниот број се зголемува. Сите скопјани трпат штета од таквите, сред најголемите горештини нема вода од таквите, 700 литри вода по жител на Скопје е колку овие ликови трошат на грбот на скопјани и на природниот извор Рашче.
Додека не пикнат еден од овие во затвор, состојбите само ќе се влошуваат, А ДРУГ ИЗВОР НА ВОДА НЕМАМЕ и нема како да се добие вода, џабе негодувања, џабе жалење.
На последниот случај на фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, изјави Арсовска.
Македонија
Сообраќајот на ГП Блаце во двата правци се одвива нормално за патничките моторни возила

Од 21:50 часот сообраќајот на ГП Блаце, во двата правци се одвива нормално за патничките моторни возила, а наизменично движење за ТТМВ со хладњачи додека за ТТМВ со церади движењето е се уште забрането, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.