Македонија
Гром предизвика пожар на четири куќи во Прилеп
Синоќа, од удар на гром изгореа 4 куќи на улицата Кузман Шапкарев во Прилеп. Пожарот се случил по полноќ кога гром удри во една од куќите и ја опожарил, па огнените пламени бргу се прошириле на соседните три куќи. И покрај навремената интервенција на ТППЕ Прилеп, куќите изгореле до темел, се вели во соопштението од Општина Прилеп.
Рано утрово градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, ги посети семејствата и ја увиде состојбата на терен, при што веднаш беа ангажирани екипите од ЈКП „Комуналец“ и ЈКП „Водовод и канализација“ со своја механизација во расчистување на остатоците од опожарувањето.
Градоначалникот изрази жалење за настанатата трагедија и посочи дека оваа беше една страшна ноќ за Прилеп, предизвикана од природна непогода, притоа апелирајќи до општествено одговорните компании во Прилеп и Македонија да им помогнат на прилепските семејства во обновување на нивните домови.
„Рано утрово ги посетив семејствата и сочуствувам со нивната трагедија. Четири семејства останаа без покрив над главата кога за неполн час од удар на гром изгореа нивните семејни куќи. И покрај навремената интервенција на Противпожарната единица Прилеп, куќите изгореа до темел, материјалната штета е огромна, но, за среќа, нема повредни и човечки жртви!
Веднаш свикав итна средба со сите релевантни структури и претставници на институциите од градот со цел, секој од својот домен, да им излеземе во пресрет на овие семејства, кои за миг го изгубија сѐ она што го печалеле целиот свој живот.
На средбата првично одлучивме како локална самоуправа семејствата да ги ослободиме од комунални давачки додека се обновуваат нивните куќи, а Општината ќе помогне со максималната можна финансиска помош предвидена за вакви немили случки. Семејствата, кои не може да најдат сместување кај своите роднини или пријатели, ќе бидат привремено сместени во Домот за стари лица и ќе добиваат топол оброк од кујната на домот.
Но, во оваа пригода апелирам до сите општествено одговорни компании, како и до сите хумани луѓе, да им излезат во пресрет и да им помогнат на овие прилепски семејства, на овие наши сограѓани, да си ги обноват своите домови. Секоја помош е добредојдена!“, потенцира градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Инаку, ТППЕ Прилеп интервенирала со 4 возила и 17 пожарникари, кои го гаснеле пожарот до три часот по полноќ. За среќа, нема повредени лица. Сопствениците на куќите изјавија дека огнот бргу се ширел и повикуваат на помош од сите хумани луѓе и компании.
Општина Прилеп набргу на својата веб-страница ќе ги објави и жиро-сметките на семјствата за донирање помош како можност што повеќе граѓани да помогнат во обновата на домовите на припепските семејства што настрадаа од удар на гром, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ФЗО: Породилното може да доцни поради доцнење на пријава или исплата на плати кај работодавачот
Надомест за породилно отсуство не се исплаќа истовремено и тоа е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец, велат од Фондот за здравствено осигурување во врска со изјавите на СДСМ дека исплатата на породилни отсуства доцни 30 дена.
„Надоместот на породилно отсуство е процес поврзан со работодавачот на осигуреничката. Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот. Оттука се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН. Потоа пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано. Да потенцираме ФЗО исплаќа бруто надомест, односно пензиски и други придонеси“, се наведува во соопштението.
Од Фондот појаснуваат дека најголем дел од надоместоците се исплаќаат од 10 до 20 во тековниот месец, но има исплати и потоа до крај на месецот.
„Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот. Доколку има доцнење тоа е поради доцнење на пријава или на исплата на плати кај работодавачот“, велат од Фондот.
Од таму уверуваат дека буџет за надоместоци има, и доказ за тоа е дека заклучно во месец октомври 2025 година досега се обработени и исплатени 6.268 предмети на породилно отсуство.
За споредба, се наведува во соопштението, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари.
„Тоа укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата“, велат од ФЗО.
Македонија
Општина Кисела Вода урна дивоградба во населбата 11 Октомври
Денес, во населбата 11 Октомври, во Општина Кисела Вода, беше рушена дивоградба, по донесено решение за отстранување на објект кој не поседува соодветни технички акти.
Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ во стечај, за кој не постои потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
„Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе сe залагам за работење исклучиво според право и правда“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, посочувајќи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде ќе се утврдат нерегуларности во однос на објекти на територијата на општината.
„За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување. Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Македонија
Откажано утрешното рочиште за „Пулс“: Недостасуваат адреси од оштетени и нивни застапници
Утрешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица и околу 200 се повредени, е откажано.
Судијката Диана Груевска – Илиевска ги немаше сите адреси од оштетените и нивните застапници кои треба да бидат повикани на судење за да се изјаснат за оштетното побарување.
Судијката ги евидентираше сите оштетени и застапници на оштетените кои беа присутни, но кажа дека мора да ја одложи за утре закажаната главна расправа оти ќе треба повеќе време за судот да ги извести оштетените дека треба да дојдат на судење.
Следното рочиште ќе биде на 2 декември, а дотогаш судијката очекува освен завршување на судската достава за оштетените да бидат доставени и интегрираните обвиненија до сите обвинети како што побараа нивните бранители.

