Македонија
Груби изврши надзор на новите повеќејазични патокази на Коридорот 8

Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, заедно со директорот на ЈП „Македонијапат“ Беким Мемети, директорот на ЈП „Државни патишта“, Ејуп Рустеми, и директорот на Агенцијата за спроведување на јазикот, Илбер Села, денеска извршија надзор на замената на старите еднојазични патокази со нови, кои сега се поставуваат на албански, македонски и на англиски јазик.
По овој повод, Груби нагласи дека јазичната еднаквост ќе биде видлива по должината на Коридорот 8, со што, како што рече, ќе се одрази и реалната слика во Република Северна Македонија.
Според првиот вицепремиер, модернизацијата на Коридорот 8 и неговата реконструкција се од особено значење заради регионалното поврзување и соработка, како еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија и е од големо економско значење за Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До крајот на август ќе бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид, целосно во употреба во ’27 година

За околу месец и пол премиерот Христијан Мицкоски очекува во употреба да бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево- Охрид. Со нив и со делот кој викендов беше пуштен во употреба, Мицкоски вели дека ќе има 34-35 километри автопатско решение, а останатите до 57 километри колку што има вкупно делницата Кичево-Охрид, ќе бидат пуштени во употреба најдоцна во првиот квартал од 2027 година оти треба да се санираат свлечиштата.
„Се привршува секцијата од Климештани до Охрид. Тоа се исто така 17-18 километри кои очекувам до крајот на месец август да бидат пуштени во функција со што од вкупната делница од 57 километри до крајот на август 34-35 ќе бидат автопатско решение. Минус се оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево кои очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година или почеток на 2027 година. Еве нека биде најдоцна првиот квартал од 2027 година“, рече премиерот Мицкоски денес на отчетот за сработеното оваа година на Царинската управа.
Дополнително треба да се заврши делницата од Врбјани до Кичево која е долга 17 километри и има 10 свлечишта. Премиерот Мицкоски вели дека проектите за стабилизирање на свлечиштата се готови и очекува во август да почне да се работи на нив, а целосно да бидат завршени на крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година.
Во истиот период премиерот вели дека ќе се работи и на свлечиштата на петте километри од автопатот кај Ботун за кои смета дека се попредизвикувачки, но и за нив проектите се готови.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе се зголеми и кредитот за доизградба на автопатот Кичево – Охрид.
„За сето ова за кое што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот бидејќи за жал тоа не било предвидено во минатото“, рече премиерот без да прецизира за колку ќе се зголеми кредитот.
Според јавно достапните податоци, изградбата на автопатот Кичево Охрид досега чини 598 милиони евра, место првично планираните 374 милиони евра. Изградбата почна во мај 2014 година, а во јануари 2014 година беше склучен договорот за заем помеѓу банка на НР Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.
Македонија
Мицкоски: Преговараме за локации за инвестиции во проекти како гасни централи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, во врска со меморандумот, со „Казанџи груп“, за изградба на гасните централи, како и тоа дали се знае локацијата и колку ќе чини инвестицијата, рече дека очекува да ги прецизираат локациите и дека процесот на преговори ќе продолжи.
„Дополнително, ќе продолжиме со преговорите, и очекувам да ги прецизираме локациите. Во игра се неколку локации – во Скопје се неколку локации во оптек, исто така и Куманово е во потег, Тетово, Гостивар, поголемите градски средини. Нормално, тука се исто така и останатите, имајќи предвид дека Битола, веќе ќе се затвори проблемот со затоплување, бидејќи се завршува проектот за топлификација од РЕК Битола“, објасни премиерот.
За инвестирање во ваков тип на проекти премиерот најави дека Владата, е веќе во преговори со уште неколку странски инвеститори.
„Ни останува Прилеп, ни останува Велес, ни останува Штип, ни останува Струмица, Кавадарци итн. Да, да не ми замерат останатите кои што нема да ги споменам. Но, покрај „Казанџи“, веќе сме во преговори со уште неколку други потенцијални инвеститори за инвестирање во ваков тип на проекти“, информираше премиерот.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Пожарите не се предизвикуваат сами, излегуваат снимки од кои се гледа како ги палат, а СДС со злорадост ликува

Секојдневно сме сведоци на потпалување на пожари ширум Македонија. Повеќе од очигледно е дека пожарите не се палат сами, т.е. како резултат на превисоките температури, туку се работи за човечки фактор.
Во текот на вчерашниот ден излезе снимка од која се гледа како човек потпалува пожар во Делчево, а потоа бега од местото, изјави на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дополнително, секојдневно сведочиме на нови фатени, или приведени лица, голем дел од кои водат до опозицијата лично.
Оттука, ги повикуваме институциите уште пожестоко да постапат кон сите кои подметнуваат пожари.
Дека станува збор за сценарио говори и фактот што СДС со денови со чудна злорадост ликува на пожарите, иако институциите реагираа како никогаш до сега. А, сето тоа поради дополнителната опрема и високата мотивираност“.
Планот на СДС за хаос, според него, не успеал, особено не во Скопје, каде, како што вели подметнувачите очигледно биле најмногубројни, па се фрлиле на памфлет прес-конференции дека слабо оди справувањето.
„Од СДС забораваат дека сега, за разлика од порано имаме доволен број на возила, авиони и мотивиран персонал, а не Јоцо со Фапот на Заев, од 1975 година. Нема повеќе импровизации, ниту аматеризам. Институциите работат посветено“, додава Петрушевски.