Македонија
Груби: Наречете ме херетик, наречете ме предавник, јас гласам „за“
Наречете ме херетик, наречете ме предавник, јас гласам „за“, порача пратеникот Артан Груби на денешната седница во Собранието на која почна дебатата за уставните измени предложени од Владата.
„Поради предизвикување на дотогашното, поради идеја, поради верба, поради убедување, Христос бил распнат, Мухамед бил прогонуван, реформаторите биле прогласувани за херетици, неистомислениците биле угнетувани, лишувани од слобода, па дури и екзекутирани низ историјата до ден денешен. Да, биле свесни за тоа што го прават. Верувале и биле храбри, се жртвувале свесно зашто се залагале за подобро утре. И победиле, нивната идеја триумфирала“, рече Груби.
Следствено, праша тој, нашето подобро утре, за кое сите се согласуваме и се залагаме заеднички, се НАТО и ЕУ.
Груби истакна дека пред пратениците имаат три копчиња и два правци. „Трите копчиња се, зелено за иднина, црвено за небиднина и жолто за стагнација. Додека од двата пата, првиот е веќе изоден. Другиот е непознат. Првиот е изолација, тапкање во место, бесперспективност, небиднина, недојдија, немир. Вториот е неизвесност, но истовремено надеж, непознат, но, сепак, извесен, поддржан од сиот демократски свет“, рече Груби.
Тој ги повика пратениците да ја замислат денешницата ако Њутн, Ајнштајн, Коперник, Тесла, Бел, Питагора и многу други останале рамнодушни и не ја предизвикале нивната денешница и биле конформисти.
„Замислете и споредете ја храброста и антиконформизмот низ историјата на личности од нашето поднебје како Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански, Скендербег, Хасан Приштина, Адем Јашари, Кемал Ататурк, или уште подалеку во историјата, Јустинијан Први или, пак, Константин, кој одлучил да стане христијанин и да го пресели седиштето на Римската Империја во Бизантиум, Константинопол или денешен Истанбул. Сите тие и многу други ја предизвикале денешницата, статус квото, дотогашното знаење, и дури херетички дејствувале во нивното време, против сите убедувања, против сите меинстрим размислувања, против сите обичаи и верувања. Биле угнетувани, протерувани, исмејувани. Но денес, денес сме им благодарни. Затоа, имајќи ја предвид моќта во вашите раце, не сметајќи на партиски конформизам и калкулации, знаејќи ја важноста на моментот и одлуката, замислете ја вашата одлука со истата храброст на горенаведените и со ваша лична визија за утре“, рече Груби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

