Македонија
Груби: По 20 години пронајден оригинален документ на Охридскиот договор
Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, денеска во Државниот архив го предаде оригиналниот документ на Охридскиот рамковен договор, за истиот да биде архивиран, 20 години по потпишувањето на спогодбата.
„Исклучително сум задоволен што по две децении недостасување на оригиналниот документ на Охридскиот договор, конечно успеавме да го пронајдеме и да го доставиме до местото каде што припаѓа, во Државниот архив. Многу сум благодарен на директорот и заменик-директорот за денешната средба и можноста да го доставам оригиналот на овој документ до местото каде што треба да се архивира“, рече првиот вицепремиер.
Според него, оваа мисија е веќе завршена и оригиналниот документ е на вистинското место.
„Мисијата на 20-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор беше да се пронајде оригиналот на овој документ што го потпишаа 7 функциониери – 5 лидери на институции од нашата земја и двајца меѓународни преставници Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, едниот од САД, другиот од Европската Унија, бидејќи секоја година на годишнината од Охридскиот договор главна вест беше недостигот на оригиналниот документ и тоа се толкуваше како негрижа на државата кон самата важност на договорот“, објасни Груби.
Документот во последните 20 години го поседувал Илир Љума од Тетово, поранешен член на ПДП, кој во домашни услови чувал еден од примероците на Охридскиот рамковен договор, каков што не поседува ниту една политичка партија.
„Станува збор за лице кое било асистент во потпишувањето на Охридскиот договор и потоа го зел оригиналниот примерок од канцелариите на најстарата политичка партија на Албанците во државата, за во домашни услови да води грижа на архивски начин за овој документ“, појасни првиот вицепремиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Овој свет празник да ни донесе мир во душите и слога меѓу луѓето, заедно, со љубов и радост, да го дочекаме светлото Христово раѓање
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски присуствуваше на традиционалното одбележување на големиот празник Бадник во Соборниот храм, каде се делеа Бадниковите гранчиња, симбол на животот, мирот и новиот почеток.
„Им честитам на овогодинешниот кум Зоран Контраденко и на здравичарот Јаков Дренковски, со искрени желби за многу здравје, среќа, благосостојба и радост во нивните домови.
Нека овој свет празник нè обедини сите, да ни донесе мир во душите и слога меѓу луѓето, и заедно, со љубов и радост, да го дочекаме светлото Христово раѓање“, порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Слаби врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег бележиме на Попова Шапка кој во моментов не се задржуват на коловозот, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Голем број деца пеејќи ја божиќната песна „Вечниот Бог“ пристигнаа во општина Аеродром
Со неизмерна радост, утринава голем број дечиња од сите делови на Аеродром, пеејќи ја божиќната песна „Вечниот Бог“, пристигнаа во општина Аеродром и станаа првите гласници на Бадник, во пресрет на Христовото раѓање.
„Тие, носејќи го бадниковиот пламен, ни ги исполнија душите со празнична топлина, љубов и надеж. Како дел од традиционалната манифестација „Бадниковите поворки“, со чисти гласови и искрени насмевки, дечињата го најавија најрадосниот христијански празник – Божиќ. 🌟👧🧒
Во духот на празникот, секое дете доби подарок од општина Аеродром, а ние од срце им посакавме уште многу радосни мигови и безгрижно детство.
Честит Бадник и светлината што денеска ја донесоа децата нека ја осветли секоја семејна трпеза и секое срце“, порачуваат од општина Аеродром.

