Македонија
Груби ќе го тужи Лефков: „Тој е многу гласен, ја заменува храброста со гласноста“

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на собраниска седница порача дека ќе го тужи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, поради „клевета за изборот на надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10 д“.
„Колегата Лефков е многу гласен, ја заменува гласноста со храброста, јас му упатив барање да се извини, вашата партија го прифати барањето, а тој кукавички избегнува. Поднесов веќе тужба да се видиме на суд за сето тоа што го клевети. Му недостига храброст да излезе од говорницата и да го клевети истото тоа и ја користи говорницата на Собранието затоа што знае дека ќе се соочи со правни последици за она што го зборува“, рече Груби.
Вицепремиерот Груби се надева дека од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат конструктивни и ќе дадат придонес да го поддржат проектот и ќе имаат и тие дел во изградбата на автопатите.
„Се надевам дека новите ветришта што дуваат во ВМРО-ДПМНЕ се конструктивни и ќе успееме заеднички да ја заокружиме приказната на европска Северна Македонија. Многу сум радосен за позитивната атмосфера што владее во нивната партија“, посочи тој.
Левков претходно го обвини Груби за местење тендер за коридорите и за тоа дека треба да се отвори истрага за надзорот вреден 22 милиона евра затоа што условите под кои се тендерирани се за фирма загубар да може да го добие тендерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Со кое лице, Шукова излегува пред граѓаните и говори за Вардариште, кога таа беше министерка за животна средина

Ајродром, ајро, ајро викаше Заев на цел глас во 2017 година и ветуваше чист воздух во Аеродром, додека Каја Шукова му беше задолжена за воздухот. СДС, Заев и Шукова уште пред 7 години ветуваа почист воздух и почиста животна средина во Аеродром, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече, поранешната министерка за животна средина и поранешна државна секретарка во истоименото министерство, Каја Шукова која сега е кандидат за градоначалник од редовите на СДС за Град Скопје, сега повторно ветува средување на Вардариште и почист воздух за граѓаните.
Праша со кое лице, Шукова излегува повторно пред граѓаните и говори за Вардариште, кога таа изминативе 7 години, беше државен секретар и министерка во Министерството за животна средина, а притоа таму работи над 20 години. Со ова, како што додаде, Шукова е директно виновна за случајот со Вардариште.
„Кога Шукова не успеа за над 20 години работа во ресорното министерство, дополнително како државен секретар и министер да го реши Вардариште, со кое лице повторно излегува пред граѓаните и ветува дека дури сега за 3 месеци ќе го среди овој проблем?
Да ја потсетиме јавноста, во време на СДС, локалната и централната власт ги тргнаа чуварските служби од Вардариште и од Дрисла.
СДС со Филипче, Заев и Шукова беа 7 години власт. Што тие направија за 7 години власт во делот на животната средина? Ништо“.
Затоа, вели Манасиевски, граѓаните заслужуваат подобра животна средина и почист воздух, која ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски заедно ќе ја исполнат.
Македонија
На ГП Богородица се чека 30-ина минути

Од 3.9.2025 година, во период од 2 седмици, на патниот правец Гостивар – Тетово и обратно, од патарината Тетово до патарината Гостивар, ќе се изведуваат градежни истражувачки работи поради што сообраќајот ќе се одвива со привремен режим на сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Богородица времето на чекање е 30-ина минути, а на другите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Филков: Советот за следење на реформите во правосудството ќе има задача да алармира кога институциите не ги постигнуваат очекуваните резултати

Денеска, се одржа конститутивна седница на Советот за следење на реформите во правосудството, кој има мандат да ја следи имплементацијата на развојната секторска стратегија за правосудството (2024 – 2028) со акциски план и реформската агенда 2024 – 2027 во делот 5 – Фундаментални вредности/Владеење на правото.
Министерот за правда Игор Филков, кој претседаваше со седницата, рече дека со формирањето единствен Совет за следење на реформите во правосудството, кој го обединува следењето на двата најзначајни документа, ќе се овозможи координативен, ефективен и ефикасен начин на следење.
,,Ќе се постапи по препорака од претходен ревизорски извештај и ќе се избегне формирање паралелни совети со состав од претставници од исти органи, што непотребно би довело до зголемени трошоци, извештаи со разни податоци и трошење на ресурсите и непочитување на начелото на економичност во постапувањето на институциите”, потенцира Филков.
Советот ќе овозможи координиран пристап до преземените мерки и активности во насока на напредокот на државата, ќе обезбеди усогласеност и континуитет на реформите во правосудството и ќе претставува тело што ќе обезбеди транспарентност, континуитет и отчетност во процесот на спроведување на реформите. Ќе има задача да ја следи имплементацијата на реформите, да алармира кога институциите не ги постигнуваат очекуваните резултати и да дава стручни мислења преку своите членови – експерти од правосудството, академијата и граѓанскиот сектор.
Членови на Советот се високи претставници на Владата, правосудните институции, граѓанскиот сектор и докажани експерти.