Македонија
(Видео) Груевски: Заев, повлечи се додека не е доцна
Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ му порача на Зоран Заев да се повлече од премиерската фотелја додека не е доцна. „Ова е трчи лажи Влада која му ветуваше секому сè она што сака да го чуе. Тие очекуваат меѓународната заедница да им даде уште еден мандат поради тоа што ќе ги распродадат државните интереси“, рече Груевски на седницата за интерпелација на Владата.
Според него, врвни професионалци, како Горан Мицковски, Зоран Ставревски или Виктор Мизо, Џери Наумоф и редица други искусни и искалени, одлично образовани кадри, се заменија со, како што рече, целосно несоодветен кадар, неспоредлив со тимот што претходно работеше и постигна економска преродба за Македонија.
„На нивно место дојдоа Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и слични кои нема да ги споредувам бидејќи времето веќе говори. На местото на Алек Никовски е назначен Бошкоски, кој воопшто нема контакти и образование. Денес Анѓушев ги спомена економските резултати на ВМРО, дека дошле само 26 странски инвестиции, но тоа е лага, во тоа време влегоа 26 инвестции кои добија субвенции и над сто други што не добиле субвенции. Вкупната инвестиција на овие 26 компании, кога ќе се реализира во целост, ќе биде 360 милиони евра или повеќе. Инвестициите во ТИРЗ-овите не се само за досега донесените, туку и за наредните најмалку 50 компании што ќе инвестираат во Македонија“, рече Груевски.
Во услови кога целата нација чека работа, додаде тој, во ситуација кога нема ниту странски ниту домашни инвеститори, тие (СДСМ) се трудат од петни жили да објаснат дека заштедиле на патни трошоци.
„Граѓаните очекуваат нови работни места, нови фабрики, нови инвестции, шанси и можности да останат да живеат тука, да се среќни, а не да се докажувате дека не трошите да патувате за да донесете странски инвестиции – каква е таа демагогија. Или, пак, новиот закон за инвестиции, со кој Анѓушев и Заев се фалат дека со тој закон ќе им дадат пари на сите инвеститори, поентата е да им дадете на што помалку. Со тој закон ќе привлечете многу помалку компании со многу помалку работни места за разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски.
Тој се осврна и на преговорите за името со Грција.
„Скандал е кога во преговорите со Грција ќе се доведете во ситуација да се молите барем внатре да се нарекуваме Македонија. Скандал е ненајавено да ги качувате даноците и да им ги земате парите на граѓаните и компаниите. Скандал е Шекеринска кога дава наредба колку требало да нè осуди нас како политички противници, скандал е кога од говорницата на парламентот се врши јавен притисок“, рече Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

