Македонија
(Видео) Груевски: Не сакав да предизвикам инцидент со Џафери, само одмавнав со раката
Експремиерот и пратеник Никола Груевски изјави дека не сакал да предизвика инцидент во Собранието кога се носеше законот за употреба на јазиците. „Воопшто не ми беше целта да предизвикам инцидент, туку јасно и гласно да покажам дека не се согласувам со начинот на кој беше донесен законот за употреба на јазиците“, рече Груевски.
Тој рече дека само одмавнал со раката кон Џафери во моментот кога тој го допрел и дека ништо повеќе од тоа не се случило. Груевски побара Џафери да ѝ се извини и на јавноста поради, како што рече, шверцерското донесување закон што ги засега албанските граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.
Македонија
Три нови битолски училишта ќе добијат фотоволтаици до крајот на учебната година
Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на уште три згради на основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.
Во текот на овие денови се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.
По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта.
Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината.
Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет — три на средни и шест на основни училишта.
Македонија
Оставка на Сабахадин Рустеми од „Комунална хигиена“ за да не влијае на истрагата
В.д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахадин Рустеми, поднесе оставка од функцијата поради морални причини, соопшти неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
Адвокатот изјави дека оставката не е поврзана со признание на вина, туку со желба да не влијае на истрагата.
„Тоа е чин што ќе овозможи непречено водење на постапката. Ќе докажеме дека Рустеми нема никаква поврзаност со делото“, рече адвокатот.
Според него, постојат докази дека Рустеми презел активности за обезбедување механизација и ресурси, но дека неговите барања не биле одобрени од управниот одбор на претпријатието.
Рустеми и Аки Саити, управител за отпад во претпријатието, добија мерка притвор од 30 дена поради основано сомнение за сторено кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад, како и опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

