Македонија
Груевски ја брани финансиската зона: Немавме намера таа да функционира како офшор
Експремиерот Никола Груевски преку статус на „Фејсбук“ ја коментираше замислата што ја имала неговата Влада за креирање на меѓународна финансиска зона во Скопје.
„Во некои медиуми прочитав текст со многу невистини поврзан со замислата на владата која ја предводев за креирање меѓународна финансиска зона во Скопје. Текстот изобилува со многу неточни работи и информации, но ќе се осврнам само на најважните. Од првиот ден откако почнавме да разработуваме идеја за меѓународна финансиска зона, како економски тим имавме замисла дека финасиската зона нема да функционира на принцип на ‘оф-шор’. По тоа прашање немавме дилеми, како што немавме дилеми дека во никој случај зоната не смее да дозволи што било нелегално или компромитирачко, вклучувајќи каква било можност за перење на пари“, вели Груевски во статусот.
Тој додава дека идејата и визијата била да се привлечат мултинационалните финансиски компании, своите главни седишта да ги префрлат во Македонија и од тоа Македонија да има повеќестрана корист.
„Идејата беше со цел да добие кредибилитет и доверба, како и атрактивност, во зоната да важат финансиските и регулаторни закони на Англија, имаше и идеи да важат законите на Луксембург или комбинација од двете, иако повеќе преовладуваше Англија. Додадената атрактивност ќе беше што ќе понудевме прилично пониски даноци и севкупни трошоци од Англија, земја чии главен град е еден од најголемите финансиски центри во светот. Двете се земји членки на ЕУ, со законодавство усогласено со европските директиви и не сум слушнал дека се пералници на пари или некакви офшор дестинации“, додава Груевски.
„Имаше размислувања низ работните дискусии регулаторните тела кадровски да се екипираат со поранешни или речиси пензионирани висококредибилни и авторитетни личности од земјите од кои ќе се применеше законодавството, како поранешни гувернери или заменик-гувернери на централна банка на Англија или поранешни членови на комисија за хартии од вредност или поранешни членови на супервизија на осигурување, поранешни високоценети судии од Англија и други лица со високо ниво на стручност, искуство и пред сè личен кредибилитет и интегритет. Се размислуваше такви висококредибилни и авторитетни личности на светско ниво покрај домашните претставници да влезат и во бордот на зоната, чие присуство за финансискиот свет на глобално ниво требаше да претставува гаранција за сериозноста на проектот. Само така можеше да се надеваме на финансиски центар кој би бил меѓународно респектиран и кредибилен.
За таа цел беше потребна промена на уставот во смисла дека со посебен закон на одреден дел од територијата на земјата може да се примени законодавството на друга држава. Имаше повеќе меѓународни консултанти кои преку повеќе мои соработници се понудија да дадат идеи и да пружат услуги во развојот на таа идеја. Се сеќавам дека имаше некои од Германија или Швајцарија и од други, главно европски држави, но не исклучувам некои од нив да биле регистрирани во Лондон. Ги слушавме идеите и предлозите на сите нив, но ние градевме наш, а не нивен концепт. Нашиот концепт се засноваше на финансиска зона со многу висок кредибилитет, прифатена од ММФ и ЕУ и контролирана од нив.
Не можам да знам дали некој од нив имал нечесни намери и планови, но знам дека ние имавме чесни намери со кои, доколку проектот се спроведеше, Македонија ќе добиеше една сериозна додадена вредност во финансиската сфера, сериозни приливи во буџетот, вработување, знаење и искуство на стотици и илјадници наши граѓани, а корист ќе имаа и услужните дејности, како многу сметководители, адвокати, авиокомпании, хотели, агенции за недвижности, ресторанти, кетеринг-служби, рент-а-кар агенции итн. имајќи предвид дека во земјата ќе доаѓаа голем број многу богати луѓе. Со никој од заинтересираните консултанти не склучивме договор за соработка. Ако некој од нив навистина имал такви планови, како што е наведено во текстот, сигурно ќе бил многу разочаран доколку се реализираше меѓународната финансиска зона во Скопје, каков што работен наслов имаше“, додава експремиерот на социјалната мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

