Македонија
Група вработени во „Комунална хигиена“ натепале колега кога го затекле како го чисти градот и не протестира
Вработени во „Комунална хигиена“ претепале колега кој чистел отпад во Скопје. Ова се случило доцна синоќа откога камионите на претпријатието излегоа од дирекцијата. Од МВР најавуваат дека ќе има кривична пријава за кривично дело насилство за сите што учествувале во претепувањето. Преку надзорни камери, очевидци и изјави се утврдува кој сè учествувал во настанот.
„На подрачјето на Гази Баба полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф. Ц. (28) од Скопје, вработен во ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје поради тоа што на 9.7.2023, околу 23.30 часот, во трговски центар на подрачјето на Гази Баба, заедно со Д. Д. и уште неколку лица, физички го нападнал Д. С. (37) од Скопје додека ги извршувал своите работни задачи како вработен во ова претпријатие“, велат од МВР.
Неофицијално, причината за претепувањето на вработениот од „Комунална хигиена“ е бидејќи не останал да го поддржи протестот и излегол на терен да работи. МВР работи на расчистување на случајот.
„Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на лицата, а по неговото документирање од страна на Единицата за насилен криминал, ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело насилство по член 386 од Кривичниот законик“, додаваат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Нападот врз Инфомакас е почетокот, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја скрие вистината за мигрантите
-Синоќа се случи инцидент. Повиците за насилство, претставници и симпатизери на власта резултираа со најголемиот медиумски инцидент после упадот во А1 телевизија во 2010 година, со физички напад во живо врз новинарите на Инфомакс, додека траеше програмата. Според информациите што ги добивме, напаѓачот е член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Злоупотребата на власта и на моќта синоќа ја видовме на дело, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека со ова јасно се гледа дека слободата на граѓаните и слободата на медиумите е загрозена и дека српското сценарио на ВМРО-ДПМНЕ започна синоќа со нападот на новинарите од Инфомакс.
Причините за ваквите напади, потенцираше Филипче, се поврзани и со прашањата за мигрантите:
„Повеќе денови наназад предупредуваме дека премиерот Мицкоски договорил преземање мигранти во Македонија. И како што гледате, нема одговор! Одговорот е јасен: Мигранти во јуни во Македонија“ посочи Филипче.
Токму поради ова, како што рече, власта се обидува да се дефокусира јавноста од проблемот со мигрантите.
„Синоќешниот напад врз новинар и медиум е само почеток на заплашувањето. ВМРО-ДПМНЕ не може да дозволи пред избори народот да дознае дека ја издале Македонија,“ рече претседателот на СДСМ.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Богородица, на Меџитлија прекинот е само за моторни возила
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин и според најава се очекува да остане затворен за секаков вид на сообраќај до 19:00 часот.
Сообраќајот на ГП Меџитлија (НИКИ) е во прекин само за товарни возила.
Додека сообраќајот на ГП Дојран се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Град Скопје започна со обновување на јавните површини во центарот
Градот Скопје соопшти дека продолжува со интензивни активности за обновување на јавните површини и подобрување на урбаниот амбиент, со фокус на централното градско подрачје. Од Градот наведуваат дека се работи на локации кои со години биле занемарени и без основно одржување, со цел да им се врати функционалноста, безбедноста и достоинствениот изглед.
Според соопштението, градските служби координирано интервенираат на простори што секојдневно ги користат илјадници граѓани и посетители.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во објава на социјалните мрежи, информира дека „деновиве интензивно се работи на сите страни низ градот“. Тој наведе дека на плоштадот „Македонија“ се заменуваат скршените и пропаднати плочки, фонтаните што подолго време не функционираа повторно се враќаат во употреба, а пристапните патеки ќе добијат уреден изглед.
„Скопје мора да биде достоинствен, уреден и убав град, токму таков како што го паметиме и каков што сакаме да го оставиме за идните генерации“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека активностите се спроведуваат „за нас, но и за сите гости кои секојдневно доаѓаат да го запознаат нашиот главен град“.

