Македонија
Грција ќе екстрадира македонски државјанин, кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија

Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Битиќи: Ја добивме битката, концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, падна на арбитража

Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, наведува Битиќи.
И затоа, додаде тој, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, стои во објавата на Битиќи.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Меџити: 65 милиони евра за Универзитетскиот кампус и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег во Скопје

Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег стануваат реалност. За овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити.
Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје. Во таа насока, денес остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти. Овие инвестиции поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје. Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност. Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење. Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!“, напиша Меџити.