Македонија
Гури од ДУИ вплеткан во шема со даночна измама, со 15 лица правел поврат на ДДВ преку фиктивни сметки, а со парите купил и деловен простор, тврди Обвинителството
Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, е вплетен во организирана шема за правење даночна измама, објави Обвинителството. Тој е третоосомничен за сторено злосторничко здружување, перење пари, даночна измама, од вкупно 15 лица, кои биле под истрага. Ќе одговараат за злосторничко здружување, како и перење пари. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Гури и другите обвинети, меѓу кои е неговиот син, парите ги добивале преку генерирање фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи, каде што бил вработен функционерот на ДУИ. Во тоа време Гури е раководно лице во УЈП. Освен основачи на фирми, има и вработени во УЈП и Министерството за финансии. Целата шема била фиктивно да враќаат ДДВ.
„Во угостителски објект во Скопје, тројца од осомничените, запознавајќи се преку заеднички пријател, формирале злосторничко здружување заради вршење на кривичното дело даночна измама. Притоа ги поделиле своите улоги, па, така, првоосомничениот го користел својот должничко-доверителски однос со едно правно лице, а второосомничениот бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови правни лица преку кои ќе генерираат фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи. За таа цел на располагање имале осум правни лица со кои реално, но не и формално, управувале. Како раководно лице во УЈП, третоосомничениот, иако немал надлежност, од вработените во УЈП електронски добивал известувања и постојано бил во тек со фиктивниот поврат на незаконски средства врз основа на одобрени барања за пребивање даночен долг со повеќе платен данок, и тоа исклучиво за фиктивните даночни гаранти“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според обвинителот, 11 лица сториле кривично дело злосторничко здружување, од нив деветмина се осомничени дека сториле и кривично дело даночна измама додека Исмет Гури, освен за овие две кривични дела, заедно со другите четворица осомничени и осомничените правни лица, се товарат дека сториле кривично дело перење пари и други приноси.
„Подоцна, како членови на злосторничкото здружување се приклучиле уште осуммина осомничени, при што двајца од нив имале задача да учествуваат во подготовка на потребната документација за формирање и промени во правните лица и подготвување на потребната документација за даночните пријави, како и за склучување договори за пребивање данок со фиктивните гаранти. Шестоосомничената, пак, како сметководител на некои од правните лица со кои располагале организаторите на здружувањето, била задолжена да ја подготвува фиктивната документација на правните лица до УЈП за даночната пријава ДДВ 04, а заради добивање нелегален поврат на парични средства од данок на додадена вредност од УЈП. Двајца осомничени – вработени во УЈП, имале задолжение да ги одобруваат барањата за пребивање даночен долг со повеќе платен данок на правните лица, а тројца осомничени – управители на некои од правните лица, имале задача како даночни гаранти на даночни должници да склучуваат договори преку кои за возврат добивале стока – гориво, движен имот – луксузни возила или недвижен имот – станови, кои подоцна ги препродавале на трети лица, со што противправно стекнувале парични средства во готовина, па врз основа на таквите фиктивни договори издавале невистинити фактури, со пресметан ДДВ, едни кон други, а потоа доставувале барања за пребивање даночен долг со повеќе платен данок до Управата за јавни приходи“, додава Обвинителството.
Штетата што ја направиле на УЈП е 840.000 евра. Обвинителството тврди дека Гури со уште четворица од осомничените, со цел да го покријат потеклото на парите, ги пуштиле во оптек.
„Така, откако третоосомничениот (Гури) ќе ги добиел парите од кривичното дело, дел пуштал во промет во име и корист за својот син, кој исто така е осомничен во овој предмет. Притоа, во име и корист за син му бил купен недвижен имот – деловен простор, со површина од 102 м2, во вкупна вредност од речиси 150.000 евра и на име заем од осомничените правни лица во повеќе наврати за оваа цел му биле префрлани парични средства. Нелегални пари во износ од 15.259.870,00 денари, третоосомничениот, со цел да ги легализира, ги дал во готово на осомничено овластено лице, кое во повеќе наврати како дневен промет ги внело на сметките на своето правно лице, а потоа повторно во повеќе наврати – трансакции, на име на заем биле префрлени од неговото осомничено правно лице на осомниченото правно лице сопственост на синот на третоосомничениот“, додаваат од Обвинителството.
Обвинителот, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе му предложи определување на мерката притвор за тројца осомничени, а за другите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

