Македонија
(Видео) Исмет Гури оди во затворот во Шутка, одреден му е притвор
Функционерот на ДУИ, Исмет Гури заедно со уште двајцата осомничени дека биле дел од злосторничко здружување за даночна измама, одат во затворот „Скопје“ во Шутка, дознава „Макфакс“. Притворот им го одреди судија на претходна постапка во Кривичниот суд. Ова доаѓа откако Обвинителството ја побара оваа мерка поради можност за бегство, влијание на сведоци, уништување докази. Мерките ги побара обвинителката Ивана Трајчева која ја води истрагата против 15 лица, меѓу кои вработени во Управата за јавни приходи и Министерството за финансии.
„Обвинителот, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе му предложи определување на мерката притвор за тројца осомничени, а за другите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката“, велат од Обвинителството.
По неколку часа поминати во полициската станица во Кисела Вода, функционерот на ДУИ, Исмет Гури, со лисици беше донесен во Кривичниот суд. Тој и другите две лица, кои се осомничени за даночна проневера, беа спроведени со три полициски возила и десетина полицајци. Сега, ќе бидат 30 дена во притвор. На решението имаат право на жалба.
Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, е вплетен во организирана шема за правење даночна измама, објави Обвинителството. Тој е третоосомничен за сторено злосторничко здружување, перење пари, даночна измама, од вкупно 15 лица, кои биле под истрага. Ќе одговараат за злосторничко здружување, како и перење пари. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Гури и другите обвинети, меѓу кои е неговиот син, парите ги добивале преку генерирање фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи, каде што бил вработен функционерот на ДУИ. Во тоа време Гури е раководно лице во УЈП. Освен основачи на фирми, има и вработени во УЈП и Министерството за финансии. Целата шема била фиктивно да враќаат ДДВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Падна дрво во населбата „Автокоманда“ во Скопје
Преку Единствен повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за паднато дрво на булеварот „Александар Македонски“ близу паркингот на влезот на фабриката „Железара и Железарија Јоле“ во населбата „Автокоманда“.
Од ЦУК, веднаш по добиената информација од страна на Сектор за операции и координација, покрај МВР, беа известени ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје, коишто испратија екипи и истите интервенираа во расчистување на паданатото дрво.
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Во јужните делови наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално проследени со грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во сабота ќе има преодно стабилизирање на времето, а потоа во следните денови во попладневните часови ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Дневната температура ќе биде во пораст.