Македонија
Даравелски ќе се спаси од кривичен прогон, делото му е застарено
Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кому му се судеше во отсуство, побарал повторување на судската постапка.
Реотворањето на постапката и новото судење ќе значи укинување на пресудата според која тој е во „Идризово“, но и застарување на делото за кое се гонеше.
Даравелски се гони за дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, кое, според обвинението, го сторил од 1999 до 2002 година. Кривичниот законик предвидува дека за делото може да бидат изречени максимум 10 години затвор.
Застарувањето е за дваесет години, односно во 2022 година. Ова ќе значи дека Даравелски ќе се спаси од кривичен прогон бидејќи делото е застарено.
Тој беше во бегство две децении. Вчера, беше уапсен на Табановце, каде што дошол сам и свесно. Бидејќи бил баран со потерница, беше спроведен директно во затвор во „Идризово“, од каде што набргу ќе излезе.
При обид да се стапи во контакт со адвокатот Душан Шарановиќ, кој го застапува Даравелски, тој не одговори на повикот за деталите за тоа кој го направил планот за враќање на ексдиректорот на Царина за да помине без одговорност за злоупотребите.
На Даравелски не му е застарено извршувањето на казната. Доколку немаше барање за ново судење бидејќи претходно беше суден во отсуство, тој ќе требаше да ја издржи казната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
„Блокадафест“ пред влезот на Усје, целодневен протест со музичка програма
Утре со почеток од 15 до 23 часот ќе се одржи целодневен протест пред влезот на фабриката Усје.
„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката. Волонтерски ќе настапат: DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата Вода, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и Корка. Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“, се вели во најавата за протестот од „Стоп за Усје“.
Од таму велат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија.
„Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, се вели во најавата.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.

