Македонија
Даштевски: Ако има потреба гласањето и изборниот молк ќе траат и до 22 часот
Гласањето ќе продолжи и по 19 часот на сите избирачки места на кои ќе има метеж и гласачи кои дошле на гласање но не го оствариле правото до 19 часот, најави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски. Колку време ќе биде продолжено гласањето зависи од бројот на лица кои не успеале да гласаат.
„И ние во овој момент не знаеме за колку време ќе биде продолжено гласањето. Ако има потреба да се гласа до 22, ќе се гласа до 22 часот“, рече претседателот Даштевски.
Во моментот кога ќе заврши гласањето Даштевски најави дека ДИК на прес – конференција ќе го соопшти тоа и ќе ја извести јавноста, без разлика на тоа за колку часа ќе биде одложен крајот на гласањето.
Изборниот молк ќе трае се додека не заврши гласањето. Редици граѓани кои чекаат за гласање се видливи речиси на сите избирачки места. Претседателот Даштевски вели дека и до нив стигнуваат такви информации.
Тој уште еднаш кажа дека има неколку причини за големиот метеж на гласачките места односно, избирачкиот список кој има многу повеќе страни отколку што имал претходно затоа што имаме рекорден број на листи, една четвртина од отпечатоците што ги добиле од МВР се со лош квалитет, а дополнително треба да се внимава на ковид – мерките.
Попладнево тој ги извести избирачките одбори дека наместо еден, како што беше предвиден, во просторијата може да пуштаат и повеќе гласачи односно дозволено е да влезат онолку луѓе колку што има гласачки места плус едно лице на кое ќе му се прави проверка. Даштевски уште еднаш апелираше на сите избирачки места да се постави по едно лице кое ќе воведува ред и бележи кој стигнал на местото за гласање или во дворот до 19 часот.
Одзивот на гласањето до 17 часот е 41,38 отсто, а гласале 547.284 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

