Македонија
Да бидеме сплотени и обединети како заедница и држава, порача Давкова во честитката за Рамазан Бајрам
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.
„Почитуван Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Вам лично, на членовите на Ријасетот, на муфтиите и на имамите, како и на сите верници од исламска вероисповед во Македонија, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод големиот муслимански празник ‒ Рамазан бајрам.
Од сè срце Ви посакувам празничните денови да ги поминете во хармонија и благосостојба, исполнети со радост и среќа, споделувајќи љубов и внимание со најблиските.
Годинава во светиот месец Рамазан, во месецот на пост, молитва и простување, ни се случи незапаметена трагедија којашто нè потресе како заедница и како индивидуи. Нашите мисли се со семејствата на настраданите и со повредените. Без разлика на верска, етничка или каква било припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме.
Живееме во свет којшто е разбрануван од бурни геополитички поместувања, а ние сме кревки и ранливи во многу општествени сегменти. Пред нас се бројни предизвици и непредвидливи собитија. Да бидеме сплотени и обединети како заедница, како општество и како држава. Заедно можеме да ги надминеме и пребродиме сите тешкотии и проблеми. Со чиста мисла и со отворено срце за сите наши сограѓани, да ја направиме татковината просперитетна и достоинствена земја на среќни граѓани.
Честит Рамазан бајрам“, се вели во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Шуто Оризари, Сарај и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.30 до 10.30 часот дел од корисниците од ул. Брсјачка Буна, Демирхисарска и Пелагонија (општина Шуто Оризари)
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците во с,Кондово кај пумпата за водовод (општина Сарај)
· во периодот од 10.00 до 13.00 часот дел од корисниците од ул.Михаил и Ефтихиј и ул.Георги Димитров (општина Кисела Вода)
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне во југозападните и јужните делови (над 25 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Денеска во попладневните часови и во четврток врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат.
Македонија
Министерот Муцунски домаќин на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Скопје го пречека министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадефул, кој во рамки на својата работна турнеја на Западен Балкан ја оствари првата официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата министерот Муцунски изрази задоволство од посетата, потенцирајќи дека таа уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на нашата држава. Посетата претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот.

Двајцата министри го поздравија интензивниот политички дијалог на високо ниво што двете земји го развиваат повеќе од три децении. Се согласија дека сеопфатната билатерална соработка во сите сектори претставува цврста основа за понатамошно интензивирање на дијалогот и развивање нови форми на партнерство.

Министерот Муцунски се заблагодари за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја. Тој го информираше министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што ја потврди силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската унија.

Министерот Вадефул увери дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и на нашата држава. Тој нагласи дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа.

