Македонија
Да се надмине егото и да се остварат правата на Бугарите во Северна Македонија, порача бугарската делегација во Битола
Пораки за градење на мостови и надминување на егото, но и остварување на правата на Бугарите во Македонија, упати бугарската делегација за време на посетата на Битола, на отворањето на клубот на бугарскиот културен центар Ванчо Михајлов.
Бугарскиот премиер Кирил Петков истакна дека бугарската заедница во Северна Македонија е вистинскиот мост меѓу двете земји.
„Вашата благосостојба е гаранција за добри односи. Односите меѓу владите се подобруваат. Ковачевски, исто така, привлече внимание на важноста да се искорени говорот на омраза и бугарската заедница во Северна Македонија да се чувствува целосно рамноправна. Денеска е денот на бугарскиот Устав. Сметам дека уставните права на бугарската заедница се многу важни и се огромен чекор кон целосна рамноправност меѓу народите“, објасни тој.
Според него, европската иднина на Северна Македонија е од големо значење за безбедноста на Балканот.
„Додека работат двете влади, очекувам од бугарската заедница да помогне како мост и заедно да ги освоиме срцата и умовите на луѓето“, додаде Петков.
На средба со Бугарите во Битола, Петков повика на надминување на егото и на терминот балканизација. Време е да се направат следните чекори напред, рече Петков. Тој беше дециден дека правата на Бугарите во Република Северна Македонија мора да бидат заштитени.
„Двете влади работат напорно, треба да постигнеме заеднички став. Во Бугарија ја поставивме рамката што ја имаме, важна ни е европската иднина на Северна Македонија, сите заедници во Северна Македонија мора да се чувствуваат еднакви, рече Петков.
Бугарската потпреседателка Илијана Јотова порача дека прво треба да се решат правата на Бугарите во Северна Македонија за земјата да стане дел од Европската Унија.
„Тоа е нашата позиција. Инаку се радувам што сум во Битола и сум дел од овој настан“, рече Јотова.
Таа го критикуваше, како што рече, водењето на втора надворешна политика од страна на советниците на премиерот Кирил Петков.
„Верувам дека премиерот ќе преземе мерки советничкиот тим да не води втора надворешна политика. Тоа би било многу загрижувачко, па дури и опасно“, изјави Јотова.
Според неа, водењето на ваква втора надворешна политика значи олеснување за европските партнери. Во тој случај никој нема сериозно да го сфати нашиот став, предупреди таа.
„Бугарија нема намера да внесе нов конфликт во ЕУ“, рече Јотова.
Слична порака порака испрати и шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска.
„Сите сили треба да бидат насочени кон решавање на правата на Бугарите во Северна Македонија, што впрочем е нашата основна цел“, истакна министерката за надворешни работи на Бугарија.
Бугарскиот премиер со хеликоптер пристигна во Битола на свеченото отворање на клубот. Бугарската делегација беше дочекана со транспаренти и свирежи од страна на граѓани. Протест имаше и на Широк сокак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ до Брнабиќ: СНС не е српскиот народ, ниту Александар Вучиќ е Србија
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, остро ги отфрла срамните и лажни обвинувања на Ана Брнабиќ на сметка на нашата реакција на изјавите на претседателот на Србија, истакнуваат од оваа партија.
„Наместо нам да ни држи лекции за „срам“, госпоѓа Брнабиќ најпрво нека се сослуша себеси, а потоа и изјавата на нејзиниот претседател.
Таа и Александар Вучиќ се навикнати да ги извртуваат фактите како што им одговара и да навредуваат секого што мисли поинаку од нивната диктаторска матрица.
Ја потсетуваме само на некои од нејзините сопствени изјави за студентските протести во Србија:
„Ова е обоена револуција. Ова е пуч, ова е обид за државен удар. Хрватска им дава логистичка, разузнавачка и финансиска поддршка.“
„Мислам дека настрешницата беше урната како почеток на обоена револуција.“
Вака таа зборува за студентите, за младите кои се иднината на Србија. СНС во Србија студентите ги нарекува „усташи““.
Тогаш, додаваат од опозициската партија, е јасно зошто Вучиќ вели дека заменичката на генералниот секретар, Радмила Шекеринска, има врска со сецесионистичката политика на Косово.
„Тоа што Александар Вучиќ ве постави, госпоѓо Брнабиќ, на чело на владата, на сите им е јасно. Да се биде послушник во режимот на Александар Вучиќ повеќе никому не треба да му се објаснува.
Вие во таа влада се прашувавте колку и Христијан Мицкоски додека Груевски беше на власт – воопшто.
Што се однесува до НАТО интервенцијата во 1999 година, токму Вучиќ беше член на таа влада, министер за информирање, чија политика директно доведе до бомбардирањето на тогашната СР Југославија.
Добро се сеќаваме на „најдобриот ученик“ на Војислав Шешељ. Тоа нема да го заборават ниту граѓаните на Србија, ниту граѓаните на Македонија.
Споменувате дека СНС и Вучиќ се единствените кои „негуваат пријателски односи“, како Македонија да е на последно место на светот.
Она што сигурно го знаеме е дека покрај тоа што СНС негува односи со ВМРО, изгледа дека негува и канабис со сестринската партија“.
Од СДСМ додаваат дека функционер на СНС беше уапсен при заплена на 5 тони марихуана која, како што напоменуваат, пристигнала од Македонија, а никој не знае како ја поминала границата.
„Велите „нема никакви претензии кон суверенитетот и територијалниот интегритет“? Што точно треба да значи тоа, госпоѓо Брнабиќ? Некоја скриена закана?
Секојдневно за регионот пласирате вести за некакви набавки на најдобро оружје, најдобри авиони, изгледа ви се допаѓа тоа ѕвечкање со оружје од 90-тите, доктрината на Војислав Шешељ.
Да ве потсетиме, можеби сте „заборавиле“, дека Македонија е полноправна членка на НАТО, како што е и мнозинството земји во вашето и нашето опкружување. Затоа тие пораки оставете ги за вашата партиска пропаганда.
За нас Србија е наш најблизок сосед, а српскиот народ го сметаме за еден од нашите најблиски пријатели.
СНС тоа не е и никогаш нема да биде. Останувате само сестринска партија на ВМРО“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Од пролет започнуваме со реализација на клучните капитални проекти за поголемо достоинство на сите скопјани
Градежните активности се одвиваат во полн ек, речиси насекаде низ градот, како јасен доказ дека дадениот збор, станува дело, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
„Со силна динамика и јасна визија, продолжуваме да ја модернизираме инфраструктурата и да создаваме услови достојни за граѓаните.
Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, една од најважните сообраќајни артерии во општина Аеродром.
По децении запоставеност, оваа улица добива нов, двослоен асфалт, нови рабници и целосно уредени тротоари.
Создаваме безбеден, чист и функционален простор – и за возачите, за пешаците, но и за најмладите и највозрасните сограѓани“.
Според него, интензивни градежни зафати се одвиваат и на улицата „Никола Парапунов“, каде како што вели, се поставуваат нови, пошироки и побезбедни тротоари, со подобрена пешачка пристапност и современо урбано уредување.
„Просторот добива нов лик, а жителите услови што ги заслужуваат.
Ова е новото време за Скопје.
Време на работа, резултати и одговорност.
Од пролет, со подобрување на временските услови, започнуваме со реализација на клучните капитални проекти што ќе донесат уште посилна инфраструктурна трансформација за подобра иднина, за поголемо достоинство и за квалитетен живот на сите скопјани.
Продолжуваме. Решително и посветено“, пишува Ѓорѓиевски.
Македонија
ССМ утре од 11 часот ќе ја блокира Владата: Ќе донесеме и одлука за генерален штрајк, видовме дека на маса не нè слушаат
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре во 11 часот со 21 работник ќе ги блокира влезовите во Владата оти се игнорираат нивните барања минималната плата да се зголеми на 600 евра и сите останати за 100 евра, а најави и одлука за генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и денес објасни зошто само 21 работник ќе је блокира Владата.
„ Зошто 21 човек? Затоа што тоа е законскиот минимум за да блокираме некоја институција или некоја сообраќајница. 21 човек затоа што некој кажа дека ќе ги заокружуваат луѓето кои протестираат, дека ќе ги оцрнуваат луѓето кои ќе протестираат и дека на таков начин сакаат да упатат порака до секој еден кој смета дека треба да излезе на улица и да даде поддршка на работниците односно да се поддржи самиот себе во борбата за платите“, објасни претседателот на ССМ Трендафилов.
Тој потсети дека ССМ протестира оти Владата и газдите до 31.12. не се договорија за зголемување на платите.
„Владата ги остави работниците на минимална плата да се договараат со газдите за зголемување на минималната плата, а кога синдикатите и работодавачите минатата година се договорија за зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари и за таков начин Владата да даде сопствен придонес преку ослободување од плаќањето на придонесите за задолжително социјално осигурување, денеска поради самобендисаноста на поединци во Владата таа одлука го чини државниот буџет или државната каса најмалку 10 милиони евра месечно или најмалку 120 милиони евра годишно“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ нема да сопре со активностите за зголемување на минималната лата со блокадата на Владата. Доколку повторно не наиде на соработка, Трендафилов најави генерален штрајк.
„Пред донесување одлука за генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор сме. Работниците бараат од ССМ да повика на генерален штрајк онака како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија, Франција и други држави. ССМ ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк и со таа одлука секој работник ќе биде заштитен. Генералниот штрајк, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на штрајкот нема да се извршуваат работните задачи. Сметаме дека сите треба да застанеме рамо до рамо бидејќи видовме дека на маса не нè слушаат, а од улица нè слушаат“, најави претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ по големиот протест во јануари, овој месец веќе ги блокираше Собранието и стопанските комори и од улица им порача на пратениците и на работодавачите дека нема да се откаже од барањето минималната плата да се зголеми ан 600 евра, а сите останати да се зголемат за најмалку 100 евра.
И покрај протестот и блокадите на работниците Владата не се премисли и остана на ставот дека работниците треба да се договорат со работодавачите за зголемување на минималната плата, а онаму каде што Владата е работодавач, веќе договори зголемување на платите за 40 % до 2028 година.

