Македонија
Дваесетмина бизнисмени и сметководители испумпале над милион евра државни пари
Дваесетмина бизнисмени и сметководители се приведени во Управата за финансиска полиција под сомнение дека од општинските каси на Тетово и Гостивар организирано извлекувале пари и ја оштетиле државата за над еден милион евра.
Управата за финансиска полиција во кординација со скопското Основно јавно обвинителство поднесе кривични пријави против 20 физички и 15 правни лица, за сторени кривични дела: Даночно затајување, Злоупотреба на службената положба и Помагање, кои го оштетиле државниот буџетот по основ на Данок на додадена вредност, Данок на добивка и Персонален данок на доход во вкупен износ од 62.933.835 денари.
Лицето М.И. од Скопје по насоки и претходен договор со Ф. К. и Е.К. од Тетово, М.Т. и А.Д. од Велес, како и тројцата скопјани Д.Т., М.К. и В.Б., во период од 2015 до 2017 година во име на правните лица Мартоник 2013 ДООЕЛ Тетово, Голд Инженеринг ДООЕЛ Скопје, Дајмонд Инженеринг ДООЕЛ Скопје и Ваиб Електроник ДООЕЛ Скопје изготвиле и доставиле 96 (деведесет и шест) фактури со невистинита содржина на вкупен износ од 71.384.348 денари со вклучен ДДВ, без притоа да имаат реално должничко-доверителски односи со правни лица од Желино, Тетово, Скопје и Кичево.
Од истите примиле парични средства во вкупен износ од 66.686.686 денари на банкарските сметки депонирани во Капитал Банка АД Скопје, кои ги подигнале во готово.
Паричните средства биле подигнати спротивно на законските прописи, како позајмици или материјални трошоци, за кои немале економска оправданост и не биле во функција на дејноста на правниот субјект и им ги враќале во готово на корисниците на фиктивните фактури, а за услугата задржувале провизија во износ од 2% до 5%.
Пријавените во име на правните субјекти корисници на фиктивни фактури: Россен центар, Розен центер, Аскинг, Д-л Бау гроуп, Делотроник, Фассион-компани, Тајмиште АД и Алдинг инженеринг се стекнале со противправна имотна корист во износ од 66.686.686 денари, на начин што по претходен договор ги употребиле фиктивни фактури за извршена наводна набавка на стоки и услуги во вкупен износ од 70.228.448 денари со вклучен ДДВ во износ од 9.498.082 денари, истите ги евидентирале во своето сметководство и во даночните пријави за ДДВ и извршиле неоснован поврат на ДДВ, а во завршните сметки искажале неточни податоци и ја намалиле даночната основа за Данок на добивка во вкупен износ од 7.172.341 денари, односно, за вкупен износ од 16.670.423 денари го оштетиле Буџетот.
Пријавените лица Е.К., Ш.К. и С.К.З. вработени во Капитал Банка АД – експозитура Тетово во својство на банкарски службеници воедно и сметководители на горенаведените правни лица, учествувале во поврзување на горенаведените физички и правни лица, и истите во нивно име спротивно на закон реализирале претходно потпишани бланко налози за пренос и подигнување на парични средства од правните лица Мартоник 2013 ДООЕЛ Тетово, Голд Инженеринг ДООЕЛ Скопје, Дајмонд Инженеринг ДООЕЛ Скопје и Ваиб Електроник ДООЕЛ Скопје, подигнувале парични средства во готово без присуство на овластените лица на наведените правни лица и подигнатите готовински парични средства ги предавале на одговорните лица на правните лица Россен центар, Розен центер, Аскинг, Д-л Бау гроуп, Делотроник, Фассион- компани, Тајмиште АД, Техно текс Ќенан ДОО Тетово и Алдинг инженеринг.
Со горенаведените инкриминирани дејствија пријавените го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија за вкупен износ од 62.933.835 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

