Македонија
Дваесет повредени кои се во критична состојба ќе бидат пренесени во Бугарија, во Турција, во Грција и во Србија, вели Таравари
Дваесет од вкупно 155 повредени во пожарот во дискотеката во Кочани кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на понатамошно лекување во странство. Министерот за здравство Арбен Таравари денес од штипската болница извести дека во болницата во Кочани се сместени 30 пациенти, во штипската болница има 39 пациенти, во Клиничкиот центар во Скопје се сметени 31 пациент, во ГОБ„8 Септември“ 24 пациенти и 28 пациенти се на лекување во Клиниката за хируршки болести „Св. наум Охридски “ во Скопје.
„Некои од потешките пациенти, кои нормално се во Скопје, веќе комуницираме со соседните држави меѓутоа и со други држави кои ни се јавуваат за да помогнат да бидат пренесени на лекување таму. Според нашите анестезиолози можеби 18 до 20 пациенти ќе има потреба да ги транспортираме надвор од државата за понатамошно лекување, зборувам за тие што покритични, вкупно околу 20 пациенти се во покритична состојба. Неколку пациенти ќе бидат во Бугарија, во Турција, Грција во Белград. И од Албанија ни се јавија, од Холандија понудија третман меѓутоа јас им оставив на екипата на анестезиолози да одредат каде сметаат тие дека би било најдобро за понатамошен третман на овие покритични пациенти“, рече министерот Таравари.
Пациентите кои се сместени во штипската болница, министерот Таравари извести дека се во релативно стабилна состојба. Повеќето се со изгореници но има и неколку скршеници.
Директорот на штипската болница Владко Захариев, рече дека првите пациенти утрово ги примиле во три часот и триесет минути. Кај нив од Кочани стигнале околу 80 пациенти. Помош им била пружена на сите, а покритичните веднаш биле пратени во Скопје. Во штипската болница биле донесени седум тела без знаци на живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

