Македонија
Два случаи на мајмунски сипаници во Македонија: потврди Институтот за јавно здравје

Денес во ЈЗУ Институт за јавно здравје од Клиниката за кожни болести биле упатени двајца пациенти суспектни за Monkeypox – Мајмунски сипаници и како што е соопштено од таму, било упатно назначено кај истите да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.
„Институтот за јавно здравје изврши лабораториски испитувања на 3 различни начини со што лабораториски се потврдија два случаи на Monkeypox – Мајмунски сипаници. Бидејки за прв пат во нашата држава се лабораториски потврдени Monkeypox – Мајмунски сипаници, после добиените резултати, веднаш се реагираше брзо, се превземаа соодветни мерки и се известија надлежните институции, Министерство за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективна клиника и др.
Согласно протоколите по добиеното известување, докторот кој ги примил пациентите ги информира пациентите за добиените резултати.
Потоа следи епидемиолошка анкета од страна на епидемиолози од Институтот за јавно здравје.
Стручни лица епидемиолози од ИЈЗ се вратени на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица, како би се добиле податоци кои би биле исклучително важни за понатамошно постапување. Анкетата е се уште во тек“, се нагласува во официјалното соопштение.
Ќе биде препорачано, на позитивните пациенти, велат од таму, да се јават на Инфективна клиника.
Нагласуваат дека Институтот за јавно здравје ќе продолжи да ја следи состојбата.
„Во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се превземаат сите потребни мерки. Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на
последиците од ваквата појава и се превземаат сите превентивни мерки. Во текот на утрешниот ден ќе следат подетални информации за јавноста“, се потенцира во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.