Македонија
Двегодишното дете и неговите родители се заразиле со вирусот преку локална трансмисија

Најмладиот пациент заболен од коронавирус во земјата е двегодишно дете од Скопје, потврди министерот за здравство, Венко Филипче, по вчерашниот објавен извештај на Институтот за јавно здравје, во кој пишуваше дека најмладиот пациент има две години, а најстариот 91.
Министерот за здравство рече дека позитивни на коронавирусот се и неговите родители, но оти сите се со лесна клиничка слика и се на домашно лекување.
„Ова семејство било заболено како резултат на локална трансмисија“, рече Филипче.
Во однос на тоа со кои други приватни установи ќе биде склучен договор со Фондот за здравство за тестирање за коронавирусот, министерот рече дека денеска раководителката на лабараторијата при ИЈЗ воспоставила контакт со сите лабаратории што прават тестирање и имаат соодветна опрема и механизам за изработка.
„Кога ќе се утврди дека со соодветен начин на технологија се изработуваат тестовите, односно дека резултатите се валидни, со цел да се зголеми капацитетот за теститирање, ќе се склучат договори со сите со кои ќе се утврди дека е во согласност со сите протоколи на работа“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски изврши увид во училиштето Димитар Миладинов: Целосно ги реконструираме фискултурната и свечената сала

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во реконструкцијата што се одвива во ООУ „Димитар Миладинов“, каде во тек е целосно обновување на фискултурната сала, свечената сала и меѓупросторот меѓу нив.
Во фискултурната сала се заменува целиот под со нов паркет, се обновуваат ѕидовите и плафонот, се поставуваат енергетски ефикасни светла и се оспособуваат прозорците, додека свечената сала добива целосно нова бина, нови скалила, обновен паркет и подобрени услови за користење, извести Општината.
„Подобрувањето на училиштата останува еден од нашите клучни приоритети. Со реконструкцијата во училиштето „Димитар Миладинов” создаваме современи, безбедни и инспиративни простори во кои децата ќе можат да учат, да спортуваат и да се развиваат. Инвестицијата во нивното образование и здрав развој е инвестиција во иднината на Центар“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Реконструкцијата на Свечената сала, предвидува целосно нова бина и нови скалила, а постоечкиот паркет се струга и лакира. Во тек се молерисувањето на ѕидовите, замената на плафонските светла со штедливи, оспособувањето на прозорците за отворање и отстранување на стара остава со непотребен материјал.
Паралелно, се работи и на меѓупросторот, каде се заменува оштетениот под и се изведуваат молерисувачки зафати, се додава во соопштението од Општината.
Македонија
ДУИ: Членовите го напуштаат ВРЕДИ, Албанците се откажуваат од лагите на Меџити

Секој нов ден е нов пораз за ВРЕДИ. Членови, активисти и цели структури си заминуваат, оставајќи зад себе вештачка, празна и дискредитирана коалиција. Само во текот на овие денови, членови и структури од три општини јавно се оградија од оваа групација. Ова е јасен доказ дека Албанците не можат да се водат со лаги и дека политиката изградена врз лични интереси секогаш завршува со пораз, велат од ДУИ.
„Меџити и неговиот тесен круг ја претворија партијата, без оформени структури, во приватен бизнис – без идеја и без визија. Тие што вчера веруваа дека ВРЕДИ носи промени, денес ја гледаат вистинската слика на алчноста, поделбите и трговијата со албанските интереси. Албанците знаат да ја казнат политиката што ги потценува. ВРЕДИ е пропаднат политички експеримент на Мицкоски и граѓаните тоа го препознаа. Меџити се обидува да ја прикрие катастрофата со напади и празни изјави преку просрпската пропаганда на неговиот пријател Стоилковиќ, кој самиот призна дека во две-три ситуации го спасил од јавен срам. Сепак, Албанците повеќе не го слушаат и ја знаат вистината“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, додека ВРЕДИ се распаѓа пред очите на јавноста, Националната алијанса за интеграција стои цврсто и ги обединува Албанците.
„Тоа е вистинската политичка сила што расте секој ден и што ќе го води албанскиот народ напред – обединет и достоинствен. Октомври се ближи. Се ближи и часот на политичка и правна одговорност. Народот на референдум ќе им ја изрече казната“, велат од ДУИ.
Македонија
СДСМ го честита Денот на Армијата: Нашите херои во униформа се гарант за сигурна иднина

„Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, упатуваме искрени честитки до припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, до сите сегашни и поранешни воени лица, како и до нивните семејства, по повод 18 август – Денот на Армијата“, велат од СДСМ.
„Армијата претставува столб на сигурноста, одбраната и стабилноста на нашата држава. Со својата посветеност, дисциплина и професионалност, армиските припадници се грижат за безбедноста на нашите граѓани и за заштитата на територијалниот интегритет на земјата.
Посебно горди сме што токму во време на владеење на СДСМ, Северна Македонија стана 30. полноправна членка на НАТО – најсилниот безбедносен сојуз во светот. Со ова, нашата Армија стана дел од модерните армии на НАТО, со можност за обука, соработка и опремување според највисоки стандарди.
Членството во НАТО значи трајна гаранција за безбедноста на нашата држава, заштита на граѓаните и сигурна иднина за генерациите што доаѓаат. Тоа е и признание за квалитетот и способноста на нашата Армија, која денес рамноправно учествува во меѓународни мисии за мир и стабилност ширум светот.
Уште еднаш, срдечно честитаме и им оддаваме почит на сите припадници на Армијата на Република Северна Македонија – нашите херои во униформа“, соопшти СДСМ.