Македонија
Двојазични уплатници, фактури, бандероли предвидува законот за употреба на јазиците
Законот за употреба на јазиците, кој денеска по вторпат го изгласаа пратениците во Собранието, пропишува во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.
Стенограмите од седниците на Собранието и Владата, седниците на работните тела, како и другите материјали и документи, според законот, треба да се издаваат и да се чуваат на македонски и на албански јазик.
Називите на институциите, како и сите други подрачни единици во единиците на локалната самоуправа, во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот, како и во Скопје, ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Називите треба да бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.
Книжните и кованите пари, како и поштенските марки, ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на Албанците. Истото важи и за поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите, бандеролите.
Униформите на полицијата, пожарникарството и здравството во Скопје и во општините каде што живеат 20 отсто Албанци исто така, според законот ќе бидат двојазични. Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и институции, се применуваат македонскиот и албанскиот јазик. Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверките ќе се издаваат и на македонски и на албански јазик.
Имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик поинаков од македонскиот, како и во Скопје, ќе се пишуваaт на македонски и на албански јазик.
Законот пропишува основање агенција за примена на јазикот надлежна за стандардизирање и изедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, со помошни тела за поддршка на институциите. Освен тоа, се предвидува и формирање инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда.
Предвидена е глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра за органите, како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон. Глоба во износ од 30 отсто од одмерената ќе му се изрече на службеното лице и на одговорното лице ако не го почитува законот.
Институциите се обврзани да овозможат превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагања, изјави и рочишта во работата или постапките што се водат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

