Македонија
Двојна осигурена сума – Затоа што сигурноста на вашите најблиски е наша основна цел
Осигурувањето на живот е современ начин на обезбедување сигурност за вас и вашите најблиски.
Интегрираноста на осигурителната и штедната компонента е тоа што го разликува осигурувањето на живот од другите финансиски производи. Практично, при самото склучување на договорот осигурителната компанија ви гарантира исплата на осигурена сума во случај на смрт или, пак, исплата на сума за доживување, во вид на поврат на вложени средства, по истекот на осигурителниот период.
Триглав осигурување – живот АД Скопје водејќи се од својата основна цел, да биде ваш прав партнер кога е најтешко, овозможи двојна осигурена сума во случај на смрт од болест, или несреќен случај, со истовремено целосно осигурително покритие во случај на смрт и во пандемија.
Уникатноста на полисата за осигурување на живот на Триглав се состои токму во бројните осигурителни можности кои се својствени единствено за оваа полиса.
Имајќи предвид дека осигурувањето на живот е долгорочна одлука, а низ годините се соочуваме со многу неизвесности, оваа полиса имајте ја како хартија од вредност која ќе обезбеди вашите најблиски да се финансиски обезбедени во најтешките животни моменти.
Дали ги знаевте сите предности на полисата за осигурување на живот на Триглав?
· Осигурување и заштеда – Уникатен финансиски производ каде покрај осигурување во целокупното траење Вие добивате гарантирана исплата на сума на вложените средства на истек на полисата.
· Сигурност на вашето семејство – Со ова осигурување вие се грижите за финансиската сигурност на своите најмили, дури и ако случи она најлошото за вас. Со вклучување на дополнителни осигурувања го зголемувате своето осигурително покритие и финансиската сигурност на семејството.
· Осигурени 23 тешки болести – дополнително осигурување кое може да го одберете опфаќа финансиска заштита од 23 тешки болести и повреди за осигуреникот, со истовремено осигурително покритие за 20 тешки болести и повреди за децата на осигуреникот кои се на возраст од 3 до 18 години.
· Нов член во семејството – Осигуреничките кои во текот на траење на осигурувањето ќе станат мајки, добиваат исплата на аванс за новороденче во износ од 10% од осигурената сума, а максимум до 300 евра.
· Второ медицинско мислење – Триглав осигурување -живот ви обезбедува можност за бесплатно второ медицинско мислење од високо реномирани здравствени установи.
· Сигурна инвестиција – Осигурителниот износ кој ќе Ви го исплатиме по истек на полисата Ви е однапред познат и загарантиран;
· Финансиска сигурност – Ваша и заштита на Вашето семејство во случај на незгода и болести кои може да доведат до инвалидитет, работна неспособност или смрт, со што влијаете да не се случат неочекуваните финансиски издатоци и дополнително оптоварување на семејниот буџет.
· Долгорочна заштеда – постепено го создавате капиталот за идно време кога вашите приходи во пензионери денови ќе се намалат или трошоците ќе се зголемат со создавање сопствено семејство (школување на деца, купување на живеалиште, автомобил…итн.)
· Финансиска помош – во облик на аванс по полисата од страна на Триглав осигурување -живот Скопје.
· Инструмент за гаранција – полисата за осигурување на живот на Триглав може да ја заложите или винкулирате при земање на кредит во Банка.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.

