Македонија
Двојно е намален бројот на илегални мигранти кои се обиделе да влезат во нашата земја
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, заедно со државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, денеска го посетија граничниот премин Богородица, каде што имаа работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи „Југ“ и на Полициската станица за граничен надзор и гранични работи Богородица, а на која се разговараше за актуелните состојби на овој дел од границата на нашата држава како во контекст на илегалната миграција и шверцувањето мигранти така и од аспект на превенцијата од епидемијата на Ковид-19.
Петровска упати признание и благодарност до полициските службеници од оваа организациска единица за постигнатите извонредни резултати во спречувањето на илегалната миграција и во откривањето на кривичните дела – шверцување мигранти, истовремено апострофирајќи дека полициските службеници сето тоа го реализираат во услови на дополнителни безбедносно-здравствени протоколи и мерки.
На средбата беа презентирани податоци дека поради затворањето на границите по стапувањето во сила на владините мерки и одлуки за спречување и превенција од епидемијата на Ковид-19, евидентен беше падот на бројката на илегални мигранти што се обидуваа да влезат во нашата земја. Така, за март, април и мај годинава откриени и фатени беа 3.047 мигранти, што е двојно помалку од истиот период лани. За периодот, пак, од почетокот на овој месец, заклучно со 9 јуни, откриени и фатени се 878 илегални мигранти, што е двојно повеќе од истиот период лани, при што од оваа бројка – 680 илегални мигранти се откриени и фатени од страна на полициските службеници од ПС за ГН Богородица.
Во поглед, пак, на кривичните дела, како што потенцира и Петровска во својата изјава за медиумите по работната средба, се бележат извонредни резултати посочувајќи го последниот од случаите на спречување шверц на мигранти вчера кога беше откриен и спречен организиран транзит на 142 илегални мигранти во товарно возило со бугарски регистарски таблички. Според податоците на РЦ за ГР „Југ“, во текот на првите десет дена од месецот веќе се реализирани четири кривични дела за шверцување мигранти, во кој се откриени 186 илегални мигранти.
Инаку, на средбата беше разговарано и за спроведувањето на превентивните здравствено-безбедносни мерки како за заштита на нашите граѓани така и на илегалните мигранти, но и на полициските службеници кои се изложени на реални предизвици при нивното секојдневно работење. Притоа беше посочено дека се направени тестирања, односно скрининг на 230 полициски службеници, особено што во рамките на странскиот полициски контингент, кој брои 69 полицајци, тие во моментот работат заедно со нашите полицајци на обезбедување на јужната граница, беше откриен еден ковид-позитивен полициски службеник од Полска (а 20 негови полски колеги веќе се во самоизолација). Според резултатите од тестирањата, осумина полициски службеници биле ковид-позитивни, со тоа што еден е веќе излекуван и вратен на работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

