Македонија
Секое трето дете во Европа има проблем со тежината
Проблемот со зголемена телесна тежина и дебелина кај децата претставува закана по здравјето во европскиот регион на СЗО и се поврзува со голем број незаразни болести (НЗБ), од кардиоваскуларни заболувања, па сè до дијабетес и канцер. Денес едно од три деца на училишна возраст во регионот се соочува со проблемот на зголемена телесна тежина или дебелина, а стапките се во пораст во голем број земји. За да се најдат подобри решенија за овој проблем, потребни се квалитетни податоци.
Податоци од 33 земји од европскиот регион на СЗО
СЗО/Европа го претстави новиот петти по ред извештај на Иницијативата за следење на дебелината кај децата (COSI). Наодите во него се засноваат на најновите податоци собрани во периодот помеѓу 2018 и 2020 година во 33 земји од европскиот регион на Европа. Вкупно речиси 411.000 деца на возраст од 6–9 години беа измерени.
Клучни наоди
Севкупно, 29% од децата на возраст од 7–9 години во земјите учеснички во истражувањето се соочуваат со проблемот на зголемена телесна тежина (вклучително и дебелина). Преваленцијата е поголема кај момчињата (31%) отколку кај девојчињата (28%). „Наодите од извештајот покажуваат дека и понатаму едно од три деца се соочува со проблемот на зголемена телесна тежина или дебелина. Мора побрзо да делуваме во насока на намалување на овие бројки”, рече д-р Кремлин Викрамасинге, вршител на должност – шеф на европската канцеларија на СЗО за превенција и контрола на НЗБ, којашто го изработи извештајот. „Итно ни се потребни подобри политики кои може да ни помогнат да ги промениме актуелните трендови на дебелина кај децата – особено по пандемијата на Ковид-19 која се смета за опасен двигател на нивоата на зголемена телесна тежина и дебелина “.
Намалување на зголемената телесна тежина и на дебелината: само во три земји
Новиот петти по ред извештај на COSI, во споредба со претходниот извештај (2015-2017), бележи статистички значително намалување на преваленцијата на зголемената телесна тежина меѓу момчињата и девојчињата на Малта, меѓу момчињата во Сан Марино и меѓу девојчињата во Италија, како и намалување во нивоата на дебелината кај момчињата во Сан Марино и кај девојчињата на Малта.
Од првото издание во 2007-2008 година па наваму, податоците на COSI покажуваат надолен тренд во однос на преваленцијата на прекумерната телесна тежина во Грција, Италија, Португалија, Шпанија и Словенија. И покрај надолниот тренд, преваленцијата на зголемена телесна тежина и дебелина во овие земји – особено во Јужна Европа – и понатаму е меѓу највисоките во регионот.
Детално: Податоци за Северна Македонија во однос на проблемот со зголемена телесна тежина и дебелина содржани во петтиот извештај на COSI
Податоците од извештајот кои се однесуваат на децата на 7-годишна возраст во Северна Македонија покажуваат дека 32% од децата се со зголемена телесна тежина или дебелина, а 15% се со дебелина.
Зголемената телесна тежина заедно со дебелината е еднакво дистрибуирана и кај машките и кај женските деца, додека пак има разлика од 5% меѓу машките и женските кога е во прашање само дебелината (17,5% спрема 12,2%). Во споредба со претходниот круг на собирање на податоци во 2016, има зголемување на зголемената телесна тежина и дебелина кај девојчињата за скоро 2%, додека пак кај машките стагнира.
Кога станува збор за исхраната и физичката активност, податоците од извештајот покажуваат дека 77% од децата на 7 годишна возраст во Северна Македонија појадуваат секој ден. Речиси сите (87%) деца се физички активни најмалку 1 саат надвор од училиште, а 66% активно одат во училиште (не се пренесени со моторно возило до училиштето).
Од друга страна пак, извештајот покажува дека 57% од децата воопшто не посетуваат спорт или танцување, а 38% консумираат безалкохолни пијалаци со додаден шеќер (второ највисоко ниво во Европа).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

