Македонија
Девет нови случаи на коронавирус во земјата – вкупно 85 дијагностицирани пациенти

Министерството за здравство информира дека се регистрирани 9 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12.00 часот, изнесува 85.
Според местото на постојано живеење, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 6 градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид.
Состојбата на хоспитализираните пациенти Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е непроменета во однос на вчера. Единствената пациентка која е на респираторна машина е во критична фаза, тројца се со форма на потешка пневмонија но во моментов се стабилни, а останатите пациенти се со полесна клиничка слика. Сите пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите од клиниката, соопшти Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За формирање многудетно семејство потребен е достоинствен приход, Мицкоски ги уништи приходите, велат од СДСМ

Додека Мицкоски продолжува да ги убедува граѓаните дека треба да имаме многудетни семејства, неговата Влада прави сè за да не им го овозможи тоа. Мицкоски, кој доаѓа од високата класа и има часовници од 60.000 евра и бизнис од 10 милиони евра, не може да разбере дека за одгледување на повеќе деца се потребни пари и услови, реагираат од СДСМ откако премиерот Христијан Мицкоски кажа дека формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин.
Од СДСМ прашуваат, знае ли Мицкоски дека според последните статистики дури 22% од децата живеат во сиромаштија?
„Наместо да работи на политики за зајакнување на стандардот, покачување на платите, обезбедување поддршка за мајките и жените, наместо да се бори со конкретни механизми за да ги мотивира младите брачни парови да имаат деца, тој им беседи за патриотизам.
На Мицкоски треба да му е јасно дека сите сакаат деца, но за да се имаат повеќе деца потребно е родителите да се чувствуваат сигурни, со стабилни приходи и да живеат во перспективна држава. Ништо од тоа не е Македонија на Мицкоски во овој момент.
Граѓаните се иселуваат, перспективата не постои, платите не растат, економијата тоне. Владее несигурност како никогаш досега. Улиците не се безбедни, има убиства секој ден. Во ваква држава, џабе се пораките на Мицкоски за патриотизам“.
Патриотизам, како што оценуваат од опозициската партија, е да се бориш за луѓето, за секое семејство, да ги покачуваш платите, а не да ја штитиш олигархијата.
Македонија
Шукова: „Вардариште“ ќе стане современа претоварна станица, а не дива депонија

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска изјави дека Вардариште ќе добие конечно и трајно решение како дел од планот за Скопје без диви депонии.
„Вардариште мора да се затвори како дива депонија и да се уреди како претоварна станица по европски стандарди,“ истакна Шукова.
Таа нагласи дека изминатите четири години на оваа локација не биле преземени никакви интервенции, што резултирало со сериозни еколошки и здравствени последици за граѓаните.
Во нејзината програма е предвидено Вардариште да се огради и обезбеди со 24/7 чуварска служба, да се исчисти и уреди, да функционира како регуларна претоварна станица со селекција на отпад и да биде дел од интегриран систем за управување со отпадот во Скопје.
Македонија
Бесплатен оброк за сите ученици, најави Герасимовски

Од наредната година, септември 2026, обезбедуваме бесплатен оброк за сите ученици во целодневна настава, со што, родителите се ослободуваат од финансиски трошоци за храната на своите деца во училиштата. Покрај тоа, на сите ученици од петто до деветто одделение им следува бесплатна неколкудневна екскурзија низ Македонија, најави кандидатот за градоначалник на Центар и воедно актуелен градоначалник на општината, Горан Герасимовски, пред основното општинско училиште „Коле Неделковски“.
Тој, најави и дека од следната година, се започнува со бесплатни дополнителни часови за сите ученици, заедно со пензионираните наставници и професори во општината.
„Ова е еден одличен проект којшто стартува од следната година. Децата покрај тоа што ќе учат за природните убавини на Македонија, тие исто така и ќе другаруваат меѓусебе. Би сакал да истакнам дека вложувањето во развојот на учениците е нашиот фокус, и токму затоа, за 50% се зголемуваат и стипендиите за талентирани ученици. Центар е општината која најмногу вложува во образованието. Сите 8 училишта се целосно реновирани, со најдобри услови за настава и педагошки процес. Ние сме тука за да ги мотивираме и да им овозможиме подобра настава и посреќно детство“, потенцираше Герасимовски.
Тој потсети, дека по 66 години, општината направи нова доградба на ООУ „Коле Неделковски“ со што ова центарско училиште доби нови четири пространи и осветлени училници, два кабинети, една библиотека, лифт, тоалет и пристапна рампа за полесен пристап за влез за учениците со посебни потреби.