Македонија
Деканот на Филозофскиот факултет повикан на распит за спорниот избор на шеф на Институтот за социологија

фото: Факултети
Ратко Дуев, актуелниот декан на Филозофскиот факултет во Скопје, заедно со уште едно лице, е повикан на распит во скопското Јавно обвинителство, потврдуваат оттаму за „Макфакс“. Станува збор за кривичната пријава што во март годинава против Дуев ја поднеле пет професори, негови колеги, за спорниот избор на шеф на Институтот за социологија.
Од Обвинителството за „Макфакс“ велат: „Надлежниот обвинител закажа распит на пријавените лица и на претставник на подносителите на пријавата во насока на проверка на наводите“.
Во март годинава петмина професори на Инситутот по социологија на Филозофскиот факултет во Скопје реагираа дека во март се одржала скандалозна седница во присуство на пет професори од десет и дека со фалсификуван записник бил избран нов раководител на овој Институт. Професорите поднеле и претставка до Управниот инсепкторат.
На седницата тогаш беше избрана професорката Марија Дракулевска-Чукалевска за раководителка на Институтот по социологија, иако, според професорите, таа добила поддршка само од петмина колеги на седницата без кворум.
Деканот Дуев по настанот во медиумите изјави дека процедурата за избор била законска, а тој ќе презел мерки за да се расчисти ситуацијата. „Макфакс“ претходно објави дека антикорупциската комисија се сомнева во злоупотреби со монографии на Филозофскиот факултет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсени две лица, запалиле кабли и предизвикале пожар

Полицијата уапси две лица кои запалиле кабли и предизвикале пожар.
Според информациите на МВР, вчера во 15:30 часот, при вршење на патрола на патот помеѓу Кадино и Миладиновци од страна на полициски службеници е забележан црн час при што затекнати се две лица кои имаа запалено кабли во близина на сува трева и дива депонија.
„Со брза реакција пожарот е спречен да се прошири и истиот е изгаснат. Утврдено е дека станува збор за лицето И.Б.(39) од Куманово и А.Б.(31). Лицата се лишени од слобода во Полициска станица Гази Баба и ќе биде известен Јавен обвинител за поднесување на соодветна пријава“, соопшти МВР.
Македонија
Утре сончево време со температура до 33 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени, информира УХРМ.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен пораст.
Македонија
Зајакнати капацитетите на обвинителството, истрагите и обвиненијата за корупција, констатира Европската комисија

Европската комисија во извештајот за состојбата со владеење на правото во нашата земја констатира напредок во истрагите и поднесените обвиненија за кривични дела од областа на корупцијата, додавајќи дека долгите судски постапки и недоволните ресурси го отежнуваат гонењето на висока корупција, соопштија од Јавното обвинителство.
Во извештајот се нагласува упатството за давање приоритет на предметите од областа на корупцијата што го донесе Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
„Јавните обвинителства покажуваат зајакнат капацитет за истражување, подобра меѓуинституционална соработка, а четирите истражни центри сега се во функција”, се наведува во извештајот со кој се скенира состојбата во оваа област, по примерот на сличните извештаи што се изготвуваат за земјите-членки на ЕУ.
Освен тоа, извештајот забележува дека за обвинителството, особено за обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција не се одобруваат доволно финансиски средства и вработувања, особено на финансиски експерти.
„Ограничените финансиски ресурси кои се доделуваат на правосудството, вклучително и на јавното обвинителство продолжуваат да влијаат на неговата финансиска независност“, констатира Европската комисија во извештајот. Во него се нотира дека Јавното обвинителство добива само 0,22%, наместо предвидените 0,4% од државниот буџет, а на судовите и на јавните обвинителства и натаму им е неопходно формално одобрување од Министерството за финансии за сите буџетски трошења што се одразува буџетска автономија.
Европската комисија во извештајот го истакнува недостатокот на човечки ресурси, како и предизвиците во однос на дигитализацијата, кои имаат ефект врз ефикасноста на правосудниот систем преку одолговлекување на судските постапки.
Ефектот на измените на Кривичниот законик продолжува значително да ги поткопува напорите за борба против корупцијата, се наведува во документот.
Мешањето и притисоците од останатите државни власти врз правосудството предизвикува сериозна загриженост по однос на независноста на правосудството, се констатира, при што особено се истакнува поведената постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, која според Комисијата “ги разоткри недостатоците во постапката за разрешување и ризиците за нејзина политизација”.
Притоа Комисијата, коментирајќи ги основите по кои се предлагаше разрешување на државниот јавен обвинител, ја наведува формулацијата “несоодветно однесување со кое се нанесува штета на угледот на јавното обвинителство” како многу широка дефиниција за дисциплинска одговорност која создава правна несигурност и отвора можност за политизација на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител.
Во целиот правосуден сектор се констатира дека се преземаат мерки за јакнење на транспарентноста, иако се уште има загриженост за постапките за избор на судии и јавни обвинители дека не се доволно транспарентни и аргументирани.